Четиричлено семејство од Прилеп, поради тешката болест од таткото, веќе седум месеци живее на работ од егзистенцијата (ВИДЕО)

62-годишниот прилепчанец Ристе Трајкоски, кој до јануари бил работник во ЈКП „Комуналец“, веќе седум месеци живее во вистинска агонија. По операцијата на колкот, наместо неговата здравствена состојба да се подобрува, тој останува врзан за кревет и во силни болки. Вели, сега биле останати и без пари, и без здравје, особено што и неговата сопруга има сличен здравствен проблем како неговиот, па ни таа не може да работи и да заработува. Во моментов, единствен приход на ова семејство со две малолетни деца им биле средствата во висина од 4.000 денари која ја земаат како нега за Ристе, а која на неколкупати им била и прекинувана – oбјави “АЛФА ТВ”.

„Не ми е заздравен колкот. Ми течи вода тука колкот. 40 дена лежев на болница. И докторот рече – доста ти е лежење, ќе полежиш дома. Болки имам големи, отечени ми се двете нозе. Од јануар месец немам плата. Сопругава нема плата, и таа е инвалид на двете нозе. Едната и’ е оперирана во Скопје, другата, и таа и’ е за оперирање, ама колку-толку се движи. На работа не може да оди, со патерици не може да оди“, – со голем напор ја раскажува својата животна голгота, Ристе Трајкоски.

Откако се разболел, Ристе пробал да дојде до пензија. Меѓутоа, и тука се појавил проблем. Му недостасувале околу 34 дена стаж за да го оствари тоа право. „Фала му на Бога што еден приватник ми излезе во пресрет, па ме осигура за да можам и да се лекувам, а и да дојдам до пензија, па сега постапката е во тек. Ама во меѓувреме ни се трупаат неплатените давачки. Парите ни се малку дури и за храна“, вознемирено вели Ристе.

„Трудова инспекција рече – „Ристе, ете вети директорот да ти пиши бенифициран стаж“. За тој стаж, три месеци прашував преку телефон, не можев да се движам таму да одам, а таа ме одбиваше. Дома нас ни фали се’. Јас дури одев на работа си ги подмирував и сметките. За седум месеци заостанаа некои сметки, само струја што плаќаме некако и ова интернетот што им треба на децата. Децана бараат за на школо да јадат. Велат, ние не можеме да јадеме, што ќе купи со 10 денари?! Ни треба помош“, – вели овој загрижен и очаен, a и тешко болен родител.

Дека животот им е неподносливо тежок ни потврди и сопругата на Ристе, Вера која е од Албанија. Таа не сакаше до говори пред камера, но зад камерата, со солзи во очите ни кажа дека освен што и’ e преболно да се грижи за сопругот кај кого не забележува подобрување, срцето ја боли и за двете деца од кои едното е и врвен спортист и постојано им носи и многу награди. „Децата ми заслужуваат многу подобар живот, а ние не сме во состојба да им го дадеме, а згора на се’ и болни сме, тоа ме загрижува најмногу“, ни рече Вера на испраќање.

Сторија на Каролина Дурло/ТВ АЛФА




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.