Респект за Вас, грчки народе. По 25 години „борба“, Вие ја добивте војната. Ние доживеавме апсолутен пораз. Невидена капитулација. Не’ здробивте. Го избришавте подот со нас. Не’ наполнивте со голови. Не’ нокаутиравте. Не’ превеславте. Не’ масакриравте. Не’ направивте будали, дотука бидува! Сега светот се подбива со нас. Успеавте да направите нешто што никој никогаш не направил…
Не, не, не … грешам. Простете. Погрешно се изразив.
Респект за Вас, грчки народе. По 25 години „борба“, Вие ја добивте војната. Затоа што ние се самопоразивме. Самите се победивме. Се здробивме самите себе си. Се дрецнавме од чименто. Го избришавме подот со сопствените фаци. Си дадовме автоголови. Се нокаутиравме самите себе. Си се превеславме помеѓу нас. Се поделивме како никогаш досега. Се масакрираме секојдневно. Самите се избламиравме. Направивме нешто што ниту еден народ не направил во историјата – се самоукинавме!
И сето ова го постигнавте, затоа што точно знаевте што сакате и се боревте за тоа. Сакавте Erga omnes – добивте! Баравте да се прекрстиме – се прекрстивме! Ја сакавте историјата на македонскиот народ – Ви ја дадовме! Сакавте нашата цивилизација да нема врска со античкото наследство – и тоа го извојувавте. Баравте нашиот идентитет да го самоидентификуваме како чисто словенски – добивте! Никогаш не признававте и нема да признавате македонска нација – и тоа Ви го овозможивме! Повеќе не сме македонци ами граѓани на Северна МАкедонија! Не’ нарекувавте иредентисти! Признаваме дека сме биле такви, со тоа што сите елементи што укажуваат на иредентизам ги отстрануваме од учебниците, имињата на спомениците, јавните објекти и институции ќе бидат отстранети и променети.
Ништо македонско не остана. Ниту „забетонираниот“ идентитет!
И, покрај сето ова, ВИЕ СТЕ НЕЗАДОВОЛНИ! Сакате повеќе. Се однесувате како да сте „оштетени“. Алал вера! Ви се восхитувам. Така се брани својот став.
Камо да имавме барем еден политичар сличен на Вашите! Барем да имавме „Д“ од Вашиот ДУХ!
Искрени честитки!