Черепот пронајден на Стража е на исчезнатиот Насер Селмани

straza1-650x396

Черепот кој беше најден близу преминот Стража, минатиот месец, му припаѓа на гостиварецот Насер Селмани, возач на ректорот на Тетовскиот универзитет, кој исчезна пред пет години, информираа од Јавното обвинителство на РМ.

– Резултатите од направената анализа на неодамна пронајдениот череп со DNA view програмата покажаа дека се работи за лице од машки пол на возраст од 30-40 години. Не се пронајдени траги на насилство. Врз основа на компаративна анализа на земените ДНК профили на други лица, добиен е резултат што со веројатност од 99,9 проценти укажува дека пронајдениот череп припаѓа на лицето Насер Селмани од Гостивар-возач на ректорот на Државниот универзитет во Тетово, се вели во соопштението од Јавното обвинителство на РМ.

Остатоците од човечкиот череп, без долна вилица, на 13 април, ги откри случаен минувач од десната страна на магистралниот пат Гостивар-Стража на околу половина километар од преминот Стража. По пријавувањето, јавен обвинител изврши увид на лице место и издаде наредба за вештачење на пронајдениот череп, за да се утврди возраста, полот, времето на смртта и ДНК профилот.

– Во исто време, беше издадена и наредба за вештачење на биолошки материјал од потесното семејство на исчезнато лице, односно од сопругата и трите малолетни деца на возачот, за да се утврди дали пронајдениот череп му припаѓа на лицето што се води како исчезнато. Основното јавно обвинителство – Гостивар продолжува со преземање дејствија за расветлување на настанот, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.

По пријавување на исчезнувањето на Насер Селмани, кој тогаш имаше 31 година, во октомври 2011 година, беше почната потрага. На 14 октомври, полицијата, на два километри од преминот Стража, на слепа шумска патека го пронајде само службениот „мерцедес“ со кој последен пат бил виден како го напушта универзитетскиот кампус.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.