Чекор напред кон иднината на водородната енергија преку соработка помеѓу „Микросам“ и Институт за нуклеарни науки „Винча“ од Белград

„Микросам“ и Институтот за современи композити и роботика (IACR) на 26-ти Мај 2021 година потпишаа Меморандум за академска, научно-техничка и деловна соработка со Институтот за нуклеарни науки „Винча“ во Белград, Србија.

На средбата во Институтот во Белград беа презентирани активностите на Центарот за извонредни вредности за водородна енергија и се остварија можностите за понатамошна соработка на полето на обновливи извори на енергија.

Водородната енергија е главен глобален фокус за намалување на зависноста од фосилните горива, како јаглен, нафта и гас. Се верува дека нивната употреба во иднина ќе згасне, бидејќи се необновливи ресурси и потребни се милиони години за да се создадат, а резервите се трошат многу побрзо.

Друг негативен аспект е нивното загадување и штетно влијание на животната средина. Созревањето на употреба на водородната енергија, како ефикасен и незагадувачки систем за користење и чување, прави да биде широко побарувана како решение во повеќе индустрии, особено во транспортот и домаќинствата.

Во оваа прилика одејќи чекор напред кон иднината, проф. д-р Благоја Самакоски, научен советник и редовен професор на Институтот за современи композити и роботика, го потпиша Меморандумот за соработка со проф. д-р Снежана Пајовиќ, директор на Инстититот за нуклеарни науки „Винча“.

Соработката меѓу двете страни ќе вклучува развој и поттикнување на истражување на домашни и меѓународни научно – истражувачки, развојни и професионални проекти од областа на водородната енергија и материјали за складирање на водород.

Македонската фирма „Микросам“ е позната како една од најиновативните светски компании, која веќе 30 години произведува роботски машини за современи композити или т.н. материјали на иднината. Институтот „Винча“ важи за еден од најдобрите реномирани мултидисциплинарни истражувачки центри, со долга историја во областа на физиката, хемијата и биологијата. Заедничката соработка значи проширување на полето на работа, унапредување и одговор на светските барања кон поефикасна и поеколошка иднина!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.