Селективната исплата на и онака веќе два месеци задоцнетите субвенции во услови на енормно поскапување на сите животни трошоци, а која е во тек, повторно ги вознемири македонските тутунопроизводители. Велат, со часови чекаат пред банка, а излегуваат без пари. Стравуваат дека со секој нов ден нивните пари се’ повеќе се обезвреднуваат – oбјави “AЛФА ТВ”
„Скапијата е голема, едно шише масло, едно кило тутун и плус чекаме овде…не знаеме дали се пуштени субвенциите или не. На милост и немилост чекаме овде по вративе“, кажа еден тутунар.
„Чекаме овдека, а не знаеме зошто чекаме. Чекаме овде со саати, а никој не не’ информира дали има пари или нема. Значи, срамота е, на оваа жештина да се малтретира народот, значи срамота е.. Се’ се покачи, овие пари ништо не значат, бадијала и работа и се’“, – објаснува друг тутнопроизводител.
„Се троши, се иди од селава, се чека ред, а не знаеме дали има или нема. Никој не излегува да не’ информира, да рече – луѓе не чекајте, одете или чекајте – ќе има“, – посочува трет тутунар.
Тутунарите се жалат дека во последните две години имале катастрофално лоши услови за производство, катастрофални откупни цени, а следствено на тоа и катастрофални учиноци. Велат скапијата им ги изела парите уште не земени, а додека власта упорно се дистанцирала од се’ побројните проблеми во земјоделството. A сомнителен им е и начинот на исплата на субвенциите.
„Штом се случува по одредени монополи, по одредени откупни претпријатија да се делат субвенциите, јас чисто се сомневам дека субвенциите, оваа година како и претходната, ни ги исплаќаат самите откупувачи од парите кои што за време на откупот буквално ги украдоа од нас тутунарите…Од она што го гледам, мислам дека некаде околу 3-4 проценти тутунари можно е да имаат земено субвенции, сите други се само изманипулирани и честото одење на банка, тоа го потврдува“, – изјави Васко Јосифовски, претседател на ТЗ „Тутунска надеж“.
Заради сите овие причини, тутунарите дадоа подддршка, а упатија и апел за масовно приклучување на сите земјоделци на престојниот протест кој треба да се одржи на 18-ти, месецов, со цел промена на власта, бидејќи според нив, таа се откажала од земјоделците.
Инаку, исплатата на субвенциите, конечно започна на средината од минатата недела и според најавите од Платежната агенција истата треба да заврши за десетина дена.
Каролина Дурло