Оваа сабота во организација на БК “АС” – Прилеп ќе се одржи боксерски турнир за деца од 10 до 14 години, насловен како „Ден на младите таленти во боксот“.
Турнирот ќе се одржи во салата на СОУ „Ѓорче Петров“ во Прилеп со почеток во 12 часот.
-„По иницијатива на клубовите од Македонија одлучивме да организираме секоја последна недела од месецот по еден турнир во секој град. Целта ни е да створиме боксери и спортисти од најмладите. Со оваа активност и организации што ги планираме, нашите најмлади боксери во кадетска и во јуниорска конкуренција ќе го имаат основното искуство во рингот и многу полесно ќе можат да постигнат резултати дома и на меѓународен план“, вели Ѓорѓи Чатлески, тренер на БК “АС”.
Учесници во оваа лига ќе бидат “Аперкат”, “Пинк Пантер”, “Шкупи”, “Шкендија”, БК “АС”и бокс академијата “Мумин”. Можно и други клубови да се придружат на оваа идеја. Средбите ќе се одржуваат секој последен викенд во месецот и тоа во: февруари, март, април, мај, септември, октомври и ноември.
-“Нашиот клуб брои околу 15 младинци од 8 до 14 години и се надеваме дека ќе направиме добри борци од најмладите и да ги одстраниме од модерните пороци. Очекуваме во иднина да почнеме со резултати, најпрво во кадетска конкуренција да прават успеси. Taка беше во 1997 година, кога на Европското првенство во бокс, што се одржа во Битола, со репрезентацијата освоивме 3 медали. Тогаш Фатон Салиху освои златен, Дарко Чатлески и Денис Ѓорѓиоски – бронзени медали, а потоа планираме да продолжиме во јуниорска и сениорска конкуренција”, додаде Чатлески.