Николина Субиќ е матурантка од Брчко, Босна и Херцеговина. Со просек од 5.0 оваа одлична ученичка учествувала на бројни натпревари, но градот и целиот Балкан го освои со својот хуман гест.
Таа парите за матурскиот фустан ги дала за хуманитарни цели.
“Оваа идеја ми дојде кога видов колку луѓето патат и би сакала да можев да помогнам повеќе”, вели Николина.
Парите од фустанот Николина ги донирала на таткото на Теодор Лакиќ, 28-годишно момче со дијабетес кое ја разбуди хуманоста кај жителите на Брчко, но ја загубило битката со болеста. Момчето живеело во сиромаштија, во куќа без вода, сам со својот татко и оставен на цедило од државата – пишуваат босанските портали.
“Не сакав парите да ги дадам за некој фустан во кој само ќе прошетам. Вака, помогнав на некој кому тоа многу му значи. Многу сум горда на себе си, успеав да направам се’ онака како што планирав”, додала Николина.
Оваа вест ги освои срцата на голем број луѓе во регионот, а со сигурност треба да биде и поука за нашите матуранти во Македонија кои месецов ќе го прослават завршувањето на средното образование.