Црна Гора: Падна владата на Дритан Абазовиќ! “Не cpyши фирма која швepцyва цигapи”

Пратениците во црногорскиот Парламент доцна синоќа и изгласаа недоверба на Владата предводена од Дритан Абазовиќ, по поднесената иницијатива од Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ.

Владата на Абазовиќ ќе биде во технички мандат до избор на нов кабинет или до нови парламентарни избори.

За иницијативата гласаа гласаа 51 од вкупно 81 пратеник, од кои 50 беа „за“, а еден против.

Пред гласањето, дел од опозицијата се обиде да се договори со Абазовиќ за реконструкција на Владата, по што во извршната власт би влегле сите политички партии во парламентот, освен оние кои поднесоа иницијатива за разрешување.

Но, опозициската Демократска Црна Гора на поранешниот претседател на Собранието Алекса Бечиќ, која има девет пратеници во парламентот, не ја прифати таа покана, туку нејзини претставници се изјаснија за уривање на Владата.

Благодарение на нивните гласови, падна и втората црногорска влада во помалку од две години по парламентарните избори на кои опозицијата по 30 години ја отстрани од власт Демократската партија на социјалистот Мило Ѓукановиќ.

На почетокот на февруари беше сменета владата предводена од Здравко Кривокапиќ, близок до Српската православна црква, а оваа на Абазовиќ беше избрана на крајот на април, откако 46 од вкупно 81 пратеник во црногорското собрание и дадоа доверба.

Црногорскиот премиер Абазовиќ претходно изјави дека зад иницијативата за негово разрешување и медиумските напади врз него стои градежниот концерн Бемакс, компанија за која тврди дека се занимава со шверц на цигари.

Абазовиќ рече дека челниците на компанијата Бемакс, која претходно се поврзуваше со поединци од Демократската партија на социјалистите Мило Ѓукановиќ, се сопственици на големата пратка цигари што беше запленета во црногорското пристаниште Бар во мај.

– Спорно е што, според оперативните податоци, најголем дел од стоката во пристаништето Бар е сопственост на Бемакс или луѓе поврзани со нив. Така се финансираат медиумските кампањи и оттогаш почна војната со премиерот, изјави Абазовиќ.

Тој рече дека неговите ставови за шверцот со цигари, кои ги изнесе во Собранието, се директно поврзани со убиствата на главниот уредник на црногорскиот весник „Дан“ Душко Јовановиќ и поранешниот сопственик на хрватскиот неделник „Национал“ Иво Пуканиќ.

– Ова што го зборувам за шверцот на цигари е поврзано со убиството на Душко Јовановиќ. А луѓето кои имаат врска со убиството на Душко Јовановиќ и понатаму се главни. Истото ова има врска и со убиството на Иво Пуканиќ, рече Абазовиќ.

Душко Јовановиќ беше убиен во 2004 година, а неговиот весник „Дан“ пренесуваше фељтон од загрепски Национал, кој пишуваше за вмешаноста на црногорската влада во шверцот на цигари. Иво Пуканиќ беше убиен во 2008 година во Загреб.

Црногорската полиција, неодамна, во две големи акции во пристаништето Бар, заплени поголема количина цигари, чија вредност се проценува на 21 милион евра.

За време на долгогодишното владеење на ДПС на Ѓукановиќ, компанијата Бемакс честопати добиваше на јавните тендери за извршување на јавни работи вредни милиони евра.

Пратениците од редовите на ДПС велат дека тврдењата на Абазовиќ се невистинити.

Предлогот за гласање недоверба на Владата беше инициран од претставници на Демократската партија на социјалистите на Ѓукановиќ и СДП, која го формираше владејачкото мнозинство заедно со Обединетата реформска акција (УРА) на Абазовиќ и просрпската СНП.

Иако во образложението на иницијативата се наведува дека Владата не ги исполнила приоритетните задачи за да го интензивира процесот на евроинтеграција на Црна Гора, главната причина е потпишувањето на Основниот договор со Српската православна црква на почетокот на август. Тврдат дека овој документ ја фаворизира СПЦ пред другите верски заедници, дека не е во согласност со Уставот и законите на Црна Гора, дека со преамбулата се фалсификува црногорската историја и дека сопственоста на црковните објекти во Црна Гора официјално ја пренесува на СПЦ.

Владата на Абазовиќ беше избрана на 28 април, а заедно со неговото движење УРА и просрпската СНП, во неа влегоа СДП и малцинските партии на Хрватите, Бошњаците и Албанците, додека претставниците на ДПС на Ѓукановиќ ја поддржаа, но не учествуваа во неа.

На почетокот на август, Абазовиќ ненајавено го потпиша Основниот договор со патријархот на СПЦ Порфириј во Подгорица, по што ја изгубил поддршката од повеќето партии кои дотогаш беа на негова страна.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.