И овој Божиќ, хуманитарците при црковната општина „Свето Благовештение“, а со благослов на надлежниот архиереј, господин Петар, доделија помош до социјално загрозени семејства низ градот Прилеп. Доделени се точно 72 пакети со храна и хигиенски средства, како и парични средства за тешко болни лица и самохрани родители. Вкупната сума која беше доделена овој Божиќ изнесува околу (во пакети и пари) 150.000 денари. Воедно, им благодариме на сите хумани луѓе, кои дадоа свој скромен прилог во кутиите за донации за сиромашните семејства, кои беа поставени низ прилепските цркви, како и до сите фирми и стопанственици, кои ја потпомогнаа оваа Божиќна хуманитарна акција.
Вакви хуманитарни акции, од прилепските цркви, се организираат 10 години наназат, и тоа за Божиќ и за Велигден. Преку годината пак, инцидентно се помага на многу болни луѓе, кои треба под итно да одат на оперативни зафати, па им се покриваат оперативните трошоци, потребните лекови, транспорт или помагала. Исто така кога постои можност, се обезбедува и огревно дрво за неколку семејства, а често пати се плаќаат и сметки за струја на многу семејства во градот, на кои им е исклучена електричната енергија во домовите.
Како што велат од црквата, до сега не сакаа да се експонираат со ваквите добри дела кои ги чинат, но се принудени, со цел да се затворат злите усти на многумина, кои ја критикуваат црквата, како и работата на свештениците.
Оваа прилика ја користиме исто така да ги потсетиме верниците, дека во црквите во Прилеп се поставени дрвени кутии, во кои може да се донираат средства за сиромашните семејства, преку целата година.