Иконостас, еден од ретките во земјата, владички стол, икони, столот на Аџи Христо Логотет, богат фрескоживопис, ракописен прилепски антиминис, престолните евангелија, псалтир и богослужбени книги.
Тоа е дел од богатото наследство што го има црквата Свето Благовештение, собирано со години наназад, од осветувањето пред 180 години.
Верскиот објект им овозможил на граѓаните да добијат духовен храм во кој ќе ги изразуваат своите верски чувства и ќе можат да се молат.
Како прилепчани издејствувале да се изгради овој божји храм?
Ферман за градба на храмот
Прилеп, пред 1838 година, иако имал долга свештеничка традиција, немал грандиозен верски објект. Условите за градба созревале полека. Иницијативата за изградба на црква ја покренале угледни личности – чорбаџии и занаетчии, сакајќи да ја остварат вековната желба за божји дом.
Голема улога во заложбите за добивање на документ за изградба на црквата одиграле еснафите, особено тутунџискиот. Според свештениците, клучната улога и одговорна задача била остварена преку тутунски трговец – Аџи Христо Дамјанов.
Тој бил еминентна личност кој имал храброст да ги изнесе желбите на своите сограѓани и со умешност, способност и тактичност, да ги достигне своите цели пред османлиската власт.
Бил исклучително надарен и влијателен трговец. Титулата “логотет” веројатно ја стекнал во Смирна, во тамошниот тутунски магацин каде работел како писар, зашто зборот значи писар, писател, брзописец, висок чиновник.
Во 1826 година се вратил и станал епитроп на црквата Св. Димитрија во Варош. Тогаш во Прилеп имало 11 парохиски свештеници кои богослужеле во варошките цркви. Аџи Христо ја осетил нивната желба да имаат нова црква.
Познантството со Рушид – Паша го искористил да го запознае со долгогодишната желба на граѓаните да добијат црква, во која ќе се пее и богослужи на мајчин јазик.
Напишал молба до Падишахот, барајќи да се подигне црква. Отишол во Цариград, најпрвин на средба со патријархот Григориј, а потоа со Рушид – Паша.
Така успеал да влезе во дворецот на главниот секретар на султанот, каде ја раскажал маката на прилепчани, потребата од божји храм каде ќе се молат за здравје на султанот и патријархот.
Му одговориле дека треба да чекаат неколку месеци. Ферманот за градење на црквата бил добиен во 1835 година.
Веста за ферманот за градба на црквата пристигнала уште пред аџијата да се врати дома. Локацијата била одбрана. Најдобро место било на баба Мита од семејството Миџовци. Таа го дала имотот за црквата. Сите еснафи се согласиле да дадат материјал побрзо да се изгради црквата.
Биле ангажирани прочуените мајстори Коста Лауцот и Ристо Тасламиче. Пред градбата се поставило прашањето на кој светител да му биде посветена црквата.
Се решило да биде посветена на празникот Св. Благовештение, зашто дотогаш пристигнала благата и најубава вест.
Мајсторите почнале да ја градат црквата долга 32 метри, широка 26, а висока 9 метри. Ја ѕидале со бигорлив делкан варовник, со многу колони од северната, западната и јужната страна. На источната страна е изграден широкиот олтарен простор со апсидата.
Наосот на црквата го сочинуваат три кораби формирани од два реда масивни колони. Централниот кораб е полукружно засводен и се издига повисоко од страничните кораби.
Кон западната страна на црквата е т.н. женска црква. Галериите се на јужната и северната страна на црквата, во горниот дел на тремовите. Заедно со црквата се градела и камбанаријата, во бароктен стил. Еден од најзаслужните за камбанаријата бил чифликџијата Аџи Ангеле Илиев.
Најрадосниот ден за сите прилепчани бил четврток 1838 година, на празникот раѓањето на Пресвета Богородица. Ден кога црковната општина решила да се освети црквата за да се служат светите богослужби и сите свети тајни и обреди.
Осветувањето го извршил митрополитот Пелагониски Герасим, кој на тронот дошол 1833 година и тука останал до 1840 година. На чинот на осветувањето присуствувале сите свештеници и речиси целиот град. На чело бил Аџи Поп Костадин Динка, првиот архиерејски намесник во Прилеп, а сослужувале свештениците Христо Икономовски, Ангеле Смичковски, Константин Пантов и други.
Само 14 дена по осветувањето на црквата за свештеник бил ракоположен Димитриј Икономоски. Со осветувањето на црквата, прилепчани до денес присуствуваат на редовен литургиски и богослужбен живот.
Набрзо по осветувањето на црквата почнала градбата на иконостасот. Подоцна се изработени владичкиот стол, амвонот и троделниот стол на аџи Христо.
Богат ентериер и дрворезбарски уметнички дела
Храмот располага со извонредни дрворезбарски дела кои пленат со својата убавина. Тие се одраз на карактерите на двајцата мајстори – предводници на своите тајфи, Петре Филипоски – Гарката и неговиот зет, Димитар Станишев. Посебено впечатливи се иконостасот, владичкиот стол, амвонот, столот на аџи Христо, фрескоживописот, иконите.
Особено нагласена е уметничката вредност на иконостасот сочуван во изворна состојба и владичкиот трон. Иконостасот долг е 16 метри, висок 6,2 метри, а во својата основа е праволиниски. Изработен е од ореово дрво. Гарката го работел во делови три години во куќата на браќата Мисиркови.
Чинел околу 1000 турски лири. Деловите подоцна биле составувани во црквата. Иконостасот е на два ката поделени на неколку појаси.
Првиот кат има китабиња, фриз и колони со престолни икони. Над престолните икони има фриз работен во длабока резба со растителна орнаментика. Корнизот е граница меѓу двата ката. Потоа се празничните икони поместени во горниот дел.
Особено вредно ремек дело на мајсторот Гарката е владичкиот стол. Тој е едно од неговите последни уметнички дела. Владичкиот стол е единствен од таков вид во земјава.
Висок е 5 метри, широк 92 сантиметри, а длабок 86 сантиметри. Во долниот дел има два лава во лежечка положба, а пред нив змии кои го каснуваат. На предната страна има два лава, а над нив два феникса со раширени крилја и подигнати глави.
На задната страна е поставена икона на која е насликан Господ Исус Христос, како цар заедно со четворица евангелисти.
Иконата е од непознат автор. Страните се исполнети со растителна орнаментика, има човечки и животински фигури.
Црвата е богата со над 180 икони. Дел се депонирани во Завод и Музеј, дел се изложени во галеријата на икони, изработени од извонредните мајстори Јован Атанасов – Прилепчанин и Адамче Најдов.
Црквата Св. Благовештение е духовен центар и расадник на свештеници. Годишно се крштеваат околу 300 нови христијани, се венчаваат околу 200 брачни двојки и се погребуваат повеќемина христијани.
Како вреден објект, таа е споменик на културата заштитен со закон. Ја посетуваат бројни верници, туристи, истражувачи, историчари и вљубеници во уметноста.
Ризница од предмети
Црквата поседува вредни историски предмети, како што се ракописниот прилепски антиминис, антиминисот од александриската патријаршија, престолните евангелија, прилепскиот поучителен зборник, гинамиевиот псалтир, богослужбените книги, административната книга – катастихот и други.
Платното на антиминисот е грубо, ленено, во основа ткаено со подебели ленени конци, а јатокот од потенки. Во средината на платното е патријаршискиот крст. Цртањето на крстови на антиминистот било во употреба во почетокот на христијанството.
Првите намесници во црквата
Можеби стотина старешини имало од осветувањето до денес. Први поставени парохиски свештеници биле Аџи Константин Дингов – прв старешина на црквата кој го викале, аџи попот.
Потоа отец Христо Икономоски, отец Ангеле Смичкоски, отец Андреј, отец Павле, отец Константин Пантов и првиот ракоположен свештеник во црквата Димитриј Икономоски.
Извор: Неделник Зенит