Црвениот плоштад во Москва оваа година првпат ќе биде затворен за јавноста поради стравувањата од можни напади врз рускиот главен град.
Полицијата оваа година ќе ги блокира сите приоди, предупреди шефот на одделот за безбедност на градот Алексеј Мајоров, додавајќи дека во градот има многу други места каде што сите што сакаат можат прекрасно да се забавуваат.
Руските власти како причина за овие мерки го наведоа снимањето на годинашниов новогодишен концерт од Црвениот плоштад, кој директно ќе се пренесува на првиот канал на државната телевизија. На него ќе може да присуствува само публиката што претходно ја одбрале градските власти.
Неочекуваната одлука е донесена откако властите во Москва ги засилија безбедносните мерки по нападот врз рускиот авион во Египет кон крајот на октомври, при што загинаа 224 патници и членови на екипажот, а потоа и по нападот во Париз на 13 ноември, во кој загинаа 130 лица.
„Не е никаква тајна дека Москва е на нишан на терористите“, потсети градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин. На влезовите во трговските центри ќе бидат поставени метални детектори, а чуварите на паркинзите ќе бидат овластени да ги прегледуваат автомобилите и багажниците на возилата што ќе им се видат сомнителни.
Од другите мерки, руската главна телевизиска кула Останкино месецов беше оградена со боцкава жица, на пешачките површини во Москва се поставени дополнителни безбедносни камери, а полицијата сега низ метро-станиците патролира со кучиња-трагачи.