Генералниот директор на фабриката „Благој Ѓорев“ во Велес, Горан Лазов кажа дека цената на зејтинот ќе биде меѓу 2,2 и 2,4 евра, односно максималната цената која се очекува е 2,5 евра.
-Не очекувам поскапувања. По празникот цената ќе се стабилизира и маркетите ќе бидат полни со масло за јадење. Нема потреба граѓаните да прават залиха, ќе има доволно зејтин на пазарот, истакна Лазов по средбата со министрите за економија и за земјоделство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски кои ја посетија фабриката.
Според Лазов, во Бугарија цената на зејтинот е 180 денари или шест лева, а во Грција околу четири евра.
Одговорајќи на новинарски прашања, директорот нагласи дека има и доволно суровина. Во континуитет се вршат набавки од Бугарија.
Лазов изрази надеж дека на македонските земјоделски површини сончогледот повторно ќе се врати.
-Порано произведувавме околу 40 000 тони сончоглед, а лани откупивме помалку од 4 000 тони. Тоа е само 10 отсто од она што сме го имале како држава, подвлече Лазов. ад/мч/
Годишно капацитетот на фабриката „Благој Ѓорев“ е 40 000 тони сончоглед, а може да се складираат 16 000 тони сурово масло.
-Ако се зголемат површините, ќе го откупиме целото производство, нема да оставиме ниту едно зрно неоткупено, истакна директорот.
Претходно, министрите уверија дека зејтин има, како и суровина.