Изминатиот викенд на 13 и 14 октомври, во организација на клубот за екстремни спортови “Скај Рајдерс” се одржа Државно првенство на Македонија во параглајдерство, дисциплина прецизно слетување, а воедно се одржа и голем меѓународен натпревар од Европскиот куп 2018, или така наречената Европска лига 2018… Натпреварот беше насловен како “Прилеп Опен 2018”, а местото на одржување беше во Крушево поради правецот на ветрот.
После 6-турнуси и 6 одржани серии, првото и второто место во Европскиот Куп им припаднаа на браќата Јованоски – Борјан прво место, а Мартин второ, додека на третото место се најде Словенецот Матијаз Слуга, кој е европски првак за 2018 година.
Во рамките пак на Државното првенство покрај браќата Јованоски, на пиедесталот како трето пласиран се искачи и нивниот татко, Миле Јованоски.
Навистина една убава глетка, целото семејство на пиедестал.
За напоменување е тоа што семејството Јованоски се и носители на македонската репрезентација, која пред две седмици го освои петтото место во Европа на Европското првенство во Словенија.
Параглајдинг клубот “Делта” од Прилеп за кого се натпреваруваат Борјан, Мартин и Миле Јованоски беше прогласен за најдобар клуб за 2018 година.