Синоќа во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, свој целовечерен концерт одржа камерниот мешан хор „ПроАрс“.
Професионалниот мешан хор „ПроАрс“ е формиран во 2011 година од страна на диригентот Сашо Татарчевски, поттикнат пред сѐ од недостатокот и потребата за професионален хорски состав. Предностите на хорот станаа видливи уште во првата година од неговата активност, а отогаш составот континуирано презентира високо ниво на изведби, мобилност и широк репертоар на хорски дела од различни жанрови. Посебен акцент во работата на ансамблот е ставен на веќе постоечкото македонско хорско творештво, но и на премиерни изведби на нови дела од млади македонски композитори, со што „ПроАрс“ активно учествува во поттикнувањето на младите автори за пишување нова хорска музика.
Во своето петгодишно делување, хорот реализираше повеќе самостојни концерти со уметничка хорска музика, концерти на „Деновите на македонска музика“ со праизведби на композиции од македонски и странски автори, концерт на „Охридско лето“, соработки со разни фондации и здруженија во реализирање концертни програми со хетерогена жанровска определба, како и студиски снимки за образовни програми и филмска музика во високобуџетни интернационални филмски остварувања. Членовите на хорот „ПроАрс“ се млади вокалнообразовани уметници, дипломци на ФМУ.
Диригентот Сашо Татарчевски, дипломира и магистрира на ФМУ Скопје, а посетува мајсторски курсеви кај познати диригенти во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Сартеано и Санкт Петерсбург. Настапувал со голем број на ансамбли вклучувајќи ги Камерниот оркестар на Битола, Македонската филхармонија, Македонската Опера и Балет, Симфонискиот оркестар на ИКО од Рим, Оркестарот на Ермитаж од Санкт Петерсбург, Симфонискиот оркестар на ФМУ, Битолската опера, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“, „Солистина ФМУ“ и други камерни и симфониски состави.