Светлана Зуламовска Гроздановска е долги години фризер и шминкер во Кривогаштани. Долги години успешно ја работи својата работа, ги исполнува желбите за убав изглед на своите муштерии и секогаш предизвикува насмевки и пријатно чувство. Од поново време нејзино хоби е да изработува ликови од коса. И тоа не било какви ликови, туку ликови на познатите пејачи, спортисти, уметници… Нејзините дела изгледаат толку реалистично и живо, што чиниш можат да прозборат. Нејзиниот салон во кој работи заедно со својата сестра доби дополнителна популарност, а познатите се воодушевени од тоа како изгледаат нивните ликови изработени со коса. Со Светлана разговаравме за нејзината работа, нејзиното хоби и што се’ е потребно за да се биде успешен фризер во денешно време.
Светлана кажете ни од кога се занимавате со фризерскиот занает и дали успешно се заработува од овој занает во Кривогаштани?
Работам како фризер и шминкер 27 години во Кривогаштани каде и живеам. Тоа е наш семеен бизнис, затоа што работиме заедно со мојата сестра. Го работам своето хоби, а инаку по професија сум сообраќаен инженер. Се заработува солидно ако си вреден и ако тоа што го работиш пред се’ го сакаш. Tреба да си амбициозен за да опстанеш толку долго време. Клиенти имаме од сите околни населени места и сме задоволни.
Што треба да поседува еден фризер во денешно време за да биде успешен во својата работа?
За да си успешен не смееш да стоиш во место и да бидеш задоволен со тоа што го знаеш. Новитетите во својата работа треба постојано да ги следиш и да уживаш додека ги внесуваш во својот салон.
Покрај правењето на фризури и разубавувањето на вашите муштерии, ти имаш и едно хоби, а тоа е изработката на лица од познатите со коса. Како се роди оваа идеја и што те натера на ваков начин да ја искажеш својата креативност?
Нашава работа на некој начин е и уметност. Постојат бербери уметници, кои со својот алат со кој работат цртаат ликови на главите на своите клиенти. Од ваквата уметност сум секогаш фасцинирана, а од таму дојде и идејата за ова што го правам. Сама смислив да иситнам коса и на подот од мојот салон да направам нешто слично. Го направив ликот на Новак Ѓоковиќ, го фотографирав, го споделив на социјалните мрежи, и така започна хобито со ликовите.
Колку ликови досега имаш изработено и колку време ти е потребно за едно такво ремек дело?
Не знам колку точно се на борј, но со коса сум ги насликала Тамара Тодевска, Игор Џамбазов, Северина, Цеца, Аца Лукас, Жељко Јоксимовиќ, Кире Лазаров, Мајкл Џексон, Јелена Карлеуша….
Дали добиваш реакции токму од познатите и какви се нивните коментари?
Сите реагираат на свој начин. Ми ги лајкуваат фотографиите, на пример Кире Лазаров беше воодушевен кога ми пиша, праша како ги правам портретите. Игор Џамбазов ми се јави и си закажа шишање. Разговаравме, а тој беше воодушевен.
Што друго прави Светлана во слободно време, дали имаш и друго креативно хоби кое го исполнува твоето време?
Пред да започнам со портретите сликав, но не на хартија туку на моите раце. Сликав очи, уживав кога ќе дојдам до моментот да изгледаат дека ќе трепнат.
Дали со изработката на овие креативни ликови порасна и популарноста на вашиот фризерски салон?
Нашиот салон работи успешно долги години, а нормално дека со ова што го правам, салонот стана доста популарен. Се слушна и пошироко за него. Воодушевување има од сите наши клиенти, имаме дополнително за што да си разговараме кога ќе дојдат кај нас во салонот. Убаво е чувството, мислам дека се доискажав на овој начин.