Каролина Ѓорѓиоска создава рачни изработки од природни материјали
Дарба за уметност, скромност и хуманизам ја карактеризира Каролина Ѓорѓиоска. Изработува интересни и несекојдневни рачни изработки. Од дрво, камчиња, гранчиња. Материјали од природата. Многу одамна изработувала само за себе, за домот. И како дете многу сакала да црта. Но, поинтензивно последните 10 години создава уникатни слики, креации во кои вложува многу труд и љубов. Никогаш не ни помислувала дека ова нејзино хоби еден ден ќе прерасне во активност за која ќе има мошне заинтересирани вљубеници во нејзините креативни идеи. Никогаш не мислела дека и ќе се продаваат – вели Каролина во интервју за неделниот весник “ЗЕНИТ”.
Користи исклучиво природни материјали. Дрво, камен, гранчиња…
– Искрено прво видов и си реков, ајде да пробам. Ни на крај на паметот не ми паѓаше дека од камен може да се оформи човечко тело или движење, и тоа ми беше најголем предизвик. Тоа го видов и реков, да пробам. Почнав и не престанав – започнува да ја окрива идејата Ѓорѓиоска.
За читателите на Зенит вели дека доволно ќе ја претстават рачните изработки. Не сака да има нејзина фотографија.
– Каменот ми е најголем предизвик. Едноставно душа му даваш. Формата, бојата и големината на камчињата кои ги користам зависи од сликата што сакам да ја создадам. Најчесто ги собирам од околината на Вештачкото езеро, во близината на куќарката во која вообичаено работам. Директно материјалите кои ги користам се од природата. Дрвца, камен, кора од дрво, песок… Имам креации изработени само од песок. Одам многу на Црна Река. Речните камења ми се предизвик, се губам кога сум во потрага по нив. Сé собирам. Во моментот само гледам дали камчето има интересна форма, а потоа го вклопувам во сликата. Среќавам интересни форми. Во природата има материјал за работа во изобилство – вели таа.
Сака да ја задржи природната убавина на материјалите. На нејзината идеја и претстава која ја создава, додава некогаш и бои.
– Убави се камчињата кога се натурални без ништо. Ги обојувам кога изработувам детски цртежи, детски ликови како Пинокио, Малиот Принц, Снешко… – објаснува таа.
На децата од Дневниот центар Ѕуница пред новогодишните празници им подарила цртежи. За сите деца и три за просториите. Сака да подарува. Да ги прави среќни луѓето.
– Имам подарувано многу слики на блиски. Многу ми е убаво чувството кога подарувам, особено на непознати. И многу сум среќна кога ќе изненадам некого, кога ќе ја видам насмевката на ликот на некој што не очекувал подарок, особено кај помалку познати личности. Тоа е убаво чувство – искрено споделува за емоциите.
Димензиите на сликите што ги изработува се различни. Откако луѓето пројавиле интерес и почнале да порачуваат дела, работи секакви формати и димензии и 100 на 50 цм. Купува рамки, платно… А другото го има во изобилство во природата. Создава уметност на мигот.
– Работам на лице место. Покрај реката најдувам камчиња и во моментот се случува да направам нешто. Гранчиња, сé што може да се најде, шумски плодови, исушени и потоа ги составувам во композиција. Творам и во песок. Имам интересни креации, ги собирам и ги составувам потоа – вели таа.
Според неа камчињата не трпат стакло. Само длабоки рамки, релјефни претстави, тродимензионални. Ги фиксира со лак и со специјално лепило.
Уметничките творби имаат различни тематики. За секој празник, подготвува творби. За Божик, за Пивофест, ги одбележува моментите… Мозаиците í се предизвик, бидејќи се работи со мали камчиња. Вели дека се интересни, се заигрува како дете. Се губи просторот и оди во некој друг свет. Ги одбележува сите празници.
Бројни се нејзините дела. Има фотографии на профилот на ФБ, Рачна изработки Лина. Економскиот момент не í значи.
– Тоа е мое задоволство. Сликите не се скапи. Некаде би се продавале многу повеќе. Во нив има многу време, труд. Имам и цртани слики. Но, за овие со материјали треба осмислување, на пример за жена во движење, да се најдат соодветни камчиња, да се создаде движење. Знам дека финансиски не може овде многу цена да се постигне, но навистина ми е убаво чувството кога ќе земе некој слика. Дека му се допаднала и се чувствувам среќно – вели Каролина.
Планира изложба во иднина која ќе биде поинаква, не класична. Нема уметнички корен, освен тетка, која аматерски се занимава со рачни изработки. Сака да престојува во природа. Нејзиното око забележува уметност онаму каде другите тоа не можат да го видат. Остаток од снег кој му пркоси на сончевите зраци, а има форма на срце. Скриен трепет на ливчиња, на растение…
Сака да твори, да создава креации, да ги развеселува другите околу неа. Ја прави среќна кога други усреќува.
Извор: “Неделник Зенит”