Цели два месеци пивка вода течи по улицата “Ѓорѓи Сугаре” во Прилеп
Водоводните цевки се дупнати на три места и никој нема дојдено да интервенира – велат жителите од оваа улица, кои потенцираат дека проблемот со водоводните цевки е со години.
Екипи од ЈКП Водовод доаѓале повеќе пати, се “санирало”, а потоа по само неколку недели одново на истото место пукала цевка.
Сега вода грга од три места на улицата, асфалтот е речиси целосно раскопан, па поради неодговорноста на надлежните улицата ќе мора целосно да се асфалтира.
Ако се земе во предвид колку е скапа и скапоцена водата за пиење во денешно време, слободно може да се каже дека “пари течат” по улиците во Прилеп.
Граѓаните велат дека проблемот не е само на оваа улица, пивка вода тече на повеќе локации во градот, а властите се зафатени со политичка кампања за локалните избори.