Марија и Магдалена Гаврилови (29) се две сестри близначки кои потекнуваат од Кочани, а речиси две години живеат во Германија. До својата 27 година, Марија и Магдалена биле вработени во Министерството за внатрешни работи во Скопје, но разочарани од меѓучовечките односи и целокупната ситуација во Македонија, ги спакувале куферите и дале отказ од државата работа, а среќата си ја побарале надвор од татковината.
Таму морале да започнат се’ од почеток, па најпрво запишале курс по Германски јазик. На почетокот било многу тешко, но сепак не се откажале.
Неодамна овие исклучително талентирани и креативни девојки започнаа свој бизнис во германскиот град Визбаден и досега одлично функционираат. Се работи за продавницата за слатки задоволства која го носи името “Тwisted Twins”. Таму се кријат еден куп прекрасни благи нешта на кои никој не би останал рамнодушен.
Како дојде идејата за Twisted Twins?
– Идејата за Twisted Twins е уште пред околу 3 години, кога се враќавме назад од Виена каде учествувавме на една од нашите повеќетп “Спартан” трки, (планинска трка со многу препреки во која има различни нивоа кои се одржуваат во многу земји). На границата помеѓу Србија и Унгарија за прв пат пробавме “Baumstrizel”, на македонски не знаеме како би се викало, зaтоа што се’ уште не постои такво нешто кај нас, но еве според нас нека биде Твистед твинс колач Хаха. Тоа беше љубов на прв залак, но сериозно кога го пробавме за прв пат нешто послатко немавме претходно пробано и целата случка беше интересна.
Еден повозрасен човек со машина од дрво на јаглен го продаваше колачот. Ние бевме толку восхитени од цела глетка, што сите луѓе што чекаа за колачот не’ забележаа и се потсмевнуваа, па дури еден млад пар ни го плати колачот, бидејќи човекот не примаше евра. Така возејќи кон Македонија, размислувавме како интересно би било да се донесе овој колач кај нас. Првично, сакавме локалот “Twisted Twins” да го отвориме во Скопје, но тогаш поради други причини ја одолговекувавме идејата, и така после три години осмислување, модернизирање и идеализирање, ја остваривме идејата. Исто така додадовме сладолед и многу интересни и декоративни слатки задоволства, за сето тоа да биде единствено и ново.
На фотографиите гледаме еден куп слатки задоволства кои можат да се најдат во вашиот локал. Како доаѓате до вакви креативни идеи?
– Се што нудиме не може да се опише и долови со зборови, туку на лице место се доживува, бидејќи имаме толку многу различни комбинации – солени со сирење и сланина, исто како и благи цимет, кокос, лешник кои можат да бидат наполнети со нутела, мармалад и сладолед. Превкуууусно.
Како реагираат Германците и другите ваши муштерии на оваа шаренолика понуда на слатки задоволства?
– Во Германија не е многу познат овој рецепт, а може да се најде на некои Божиќни штандови, но само класичниот колач, затоа и овде не’ прашуваат многу често што всушност продаваме во “Twisted Twins” и од каде оваа идеја. Не’ имаше и во германски весник поради оваа идеја. Овде луѓето се презадоволни и изненадени, а добиваме често пофални зборови за идејата.
Забележавме дека сте популарни на социјалните мрежи, особено на Инстаграм, кажете ни што друго правите во слободно време, дали имате некои други хобија и интереси.
– Оние што не’ познаваат, веќе добро знаат дека фитнесот и вежбањето е нешто од кое исто никогаш не се откажуваме, како и патувањето низ различни места и запознавање на нови култури.
Дали некогаш би се вратиле назад во Македонија?
– За наше враќање во Македонија сега за сега не би можеле да одговориме. Никогаш ништо не може човек да предвиди. Може да планира, но често плановите одат во друга насока, па затоа ова прашање ќе го оставиме за иднината сама да го одговори.
Каде точно се наоѓате?
– Нашиот локал се наоѓа во Визбаден (Wiesbaden) Straße der Republik 8. Тоа е нашата адреса, па кој има можност, или кој се наоѓа овде во близина, може слободно да не посети и да го угостиме како Македонец во Германија. На социјалните мрежи Инстаграм и Фејсбук може да се види нешто од она што го правиме во “Twisted Twins”.
Повеќе за “Тwisted Twins” можете да погледнете ТУКА
Во продолжение уште неколку фотографии од Марија и Магдалена каде учестуваат во трките “Спартан”.
Секоја чест за нивната талентираност и креативност. Жално е тоа што како држава пропуштаме вакви млади луѓе и истите заминуваат и својата иднина ја бараат во странство.