Хуманитарен концерт на Стефан Неданоски и Клаудиа Рондели во храмот Св. Петка во Прилеп

Со голема радост ве известуваме дека на 4 октомври (петок), со почеток во 20:00 часот, во храмот „Св. Петка“ ќе се одржи уште еден хуманитарен концерт од серијата на културно-уметнички настани кои имаат за цел да го подигнат духовно-уметничкото и културно ниво во нашиот град. Овој пат, прилепската публика ќе има извонредна можност да ужива во настапот на нашиот прилепски тенор Стефан Неданоски, кој ќе биде придружуван од реномираната италијанска пијанистка, професорката Клаудија Рондели – стои во поканата од храмот Св. Петка.

Концертот следува по низата успешни музички настани кои се случија во текот на летото, а сите тие имаа за цел да се помогне доизградбата на овој велелепен храм во нашиот град.

-Вечерта ветува уникатно музичко доживување со избор на величествени оперски арии од најголемите светски композитори како Пучини, Верди, Маскањи, Леонкавало и Вагнер. Гласовните способности на нашиот тенор, кои веќе се препознати и на меѓународната сцена, во совршена хармонија со уметничката интерпретација на signora Rondelli, ќе направат оваа вечер да биде вистинско музичко богатство.

Организирањето на овие концерти е дел од нашата мисија да ја негуваме и поддржуваме уметноста, а истовремено да придонесеме за доизградбата на нашиот храм „Св. Петка“. Овие настани се значајни не само од уметнички аспект, туку и од духовен, создавајќи простор каде што културата и вербата се испреплетуваат, нудејќи една поинаква перспектива за младите и културната јавност.

Кога културата и уметноста се поврзуваат со вербата, тие ја надминуваат својата естетска функција и стануваат мост кој ја поврзува човечката душа со возвишеното. Преку музиката во храмот, ние не само што го славиме Бог, туку и ги отвараме срцата за љубовта, убавината и хармонијата. Токму тоа испреплетување на вербата и уметноста ја воздигнува културата на едно повисоко ниво, каде што материјалното и духовното коегзистираат и се надополнуваат.

Ве покануваме да бидете дел од оваа прекрасна вечер, во прекрасниот амбиент на храмот „Св. Петка“, и заедно да го поддржиме ова благородно дело, стои во поканата од храмот Св. Петка во населбата “Точила” во Прилеп.

На платото пред црквата летово концерти одржаа: Андријана Јаневска придружувана од звуците на Ратко и Драган Даутовски, Ламбе Алабаковски, женскиот камерен хор „Керамија“ и црковниот хор “Св.Петка” и талентираните „Прилепски млади виртуози“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.