Покана од храмот Св. Петка:
Драги деца, за неколку дена ќе го славиме Божик – празникот исполнет со радост и значење за сите семејства. Божикното празнување е целосно кога вие, младенците, со вашите чисти срца и искрени насмевки ќе дојдете при јаслите на Богомладенецот, како ангелите кои пееја: „Слава на Бога во висините, на земјата мир, а меѓу луѓето добра волја.“
Богомладенецот, Кој наскоро ќе го прославиме, ја покажува својата голема љубов кон децата. Тој рече: „Оставете ги децата да дојдат кај Мене“, и додаде: „Зашто на таквите им припаѓа Божјото царство“ (Мк. 10, 14). Со својата едноставност, чистота и искреност, вие сте пример за сите нас, возрасните, кои треба да ги следиме вашите добродетели за да станеме Божји деца.
Затоа, како што Христос ги повикувал децата да појдат при Него, и ние како храм, повикуваме и советуваме: Дојдете кај Новороденчето Христос! Вие родители, баби, дедовци, донесете ги младенците при Богомладенецот па преку причесната да се соединат со Него. На овој голем ден, апелираме и советуваме децата да се причестат. Пост не е задолжителен за децата особено за оние до седумгодишна возраст ниту, пак, некој друг (мајка, баба …) треба да пости за нив. Утрото пред богослужбата младите треба да бидат гладни и жедни, освен бебињата до едногодишна возраст.
Драги деца, Бог ве сака! Овие празници се ваши, и ви посакуваме да ги поминете во радост, мир и љубов со вашите семејства. Љубовта што ја чувствувате треба да ја споделите со сите околу вас, за да донесете светлина таму каде што е најпотребна.
Со радост ве очекуваме во нашиот храм „Св. Петка“ за да ја доживеете Божикната радост и да ја проследите изложбата на творбите од вашите врсници, создадени во чест на празникот. Божик е празникот на љубовта, мирот и радоста – празник токму за вас, децата!
В.д. старешина на храм “Св. Петка” -Точила
Протоереј Љупче Петрески