Мајстор Зоран Михајлоски е еден од ретките занаетчии и еден од два-тројцата останати секирџии во Прилеп и прилепската чаршија. 16 години се занимава со занаетот кој го наследил од таткото на неговата сопруга. Во дуќанот кој се наоѓа во улицата на бочварите, во старата прилепска чаршија, секојдневно се слуша звукот на чеканот и одекнувањето на наковалната од неговиот дуќан. Жешкиот челик го обликува со големо задоволство и прави одличен продукт кој е потребен во секое семејство.
Не пречека расположен за разговор и ни ги откри тајните на овој занает. Вели дека е четврта генерација, што го превзема занаетот и се надева дека ќе пробуди интерес кај некого и понатаму.
Си ја сака работата и она што го има, или како што вели 99,9% е задоволен од својата работа и од тоа што во едно вакво модерно време постои како занаетчија.
Мајстор Зоран не се пожали ни од заработката. Скромно одговори дека за еден среден, солиден живот се заработува. Никогаш не бил насочен кон големо имање, туку кон она што го прави среќен.
Секирите се изработуваат главно од челик, кој е најважниот, број еден материјал, и во мала доза железо, а временската рамка за изработка на една секира е од 5 до 6 саати активна работа, но пред се зависи од големината на истата.
Ги разгледавме и алатите за изработка, каде чеканот и наковалната се на средишно место поставени и ја играат главната улога при обликувањето на металот. Напоредно како пропратни алати се користат: брусалици, менгеме, точило, дупчалка, камен. Тука не смеат да се заборават огнот за ложење на металот и водата за негово ладење после обликувањето.
Насочен е единствено кон изработка на секири, но вели дека прави и ситни поправки на други алати.
За Прилепчани вели дека имаат мукает да купат секира, бидејќи сме град во кој огревното дрво е главен ресурс за затоплување во зимата. Сепак негови најредовни потрошувачи се граѓани од постарата популација.
За него ниту државата, па ниту општината не се криви поради немањето интерес кај младите за занает. Смета дека нема што многу да се направи на ова поле и да се привлече интерес. Едноставно младите тоа не ги интересира. Вели дека ниту едно дете до сега не дошло и не побарало да го научи занаетот. Ни раскажа за една случка што се случила пред неколку години, кога кај неговиот дедо дошло едно дете со желба да учи, но истото напуштило после два нецели дена, низ смеа говореше мајстор Зоран.
Се надеваме дека на најсоодветен начин ви ја пренесовме енергијата и еланот за работа што ги има овој човек. Ние сме среќни што имавме прилика да разговараме и што запознавме еден исполнет со харизма и расположение човек.
Подготви: Александар Георгиоски