Комесарот за преговори за проширување на Европската унија, Јоханес Хан, пред утрешната посета на Република Македонија, каде е предвидено да се сретне со премиерот Емил Димитриев, со лидерите на четирите најголеми политички партии, како и со специјалната обвинителка и со претставници на граѓанското општество, денеска испрати порака дека е „важно што условите за одржување на веродостојни избори се исполнети“ во земјата.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, во соопштение на Европската комисија, се наведува дека главната цел на посетата на Хан е „да се направи преглед на политичките случувања и да се дискутира за патот напред, особено во однос на организирање на предвремените парламентарни избори во декември, како и спроведувањето на Итните реформски приоритети“.
Во неговата изјава пред посетата, Хан вели дека со нетрпение ја очекува посетата на Скопје.
– Договорот постигнат минатото лето од страна на сите главни политички партии и поставување на датумот на изборите за овој декември е добар чекор. Сепак, ова е само почеток. Важно е дека условите на веродостојни избори се целосно исполнети и дека граѓаните можат слободно да учествуваат на истите, вели комесарот Хан.
Според првиот човек за проширување на Унијата, тој во Македонија ќе се сретне со сите главни политички соговорници, вклучувајќи ја и специјалната обвинителка и претставници на граѓанското општество. Тој вели дека на разговорите, исто така, ќе инсистира како да се забрза имплементацијата на Итните реформски приоритети во законот.
– Сето ова е клучно за земјата да направи одржлив напредок на својот пат кон Европската унија. А, исто така, со нетрпение очекуваме да слушнеме од специјалниот обвинител за тоа како нејзината работа напредува и за предизвиците со кои таа се соочува, посочува Хан.