ФФМ преку соопштение информираше зошто не дозволиле средба на 3aeв со фудбалерите

Oткако премиерот Зоран Заев синоќа во интервју на ТВ “Клан” рече дека претседателот на ФФМ, Сејдини, не му дозволил да се сретне со фудбалерите, со соопштение реагираа од Фудбалската федерација на Македонија.

Фудбалската федерација на Македонија денес преку соопштение се заблагодари кон сите кои искажуваат честитки кон репрезентативците пред историскиот настап на Европското првенство и имаат желба лично да им се обратат на фудбалерите со намера да им посакаат успех и добар резултат на натпреварите од Европскиот шампионат.

Сепак, од ФФМ информираат дека согласно протоколите од УЕФА, не се во можност да организираат каков било прием за поединци или лица од државни институции од причина што одговорноста за заштита на фудбалските репрезентативци е огромна и мора да се почитува доследно затоа што последиците се големи.

– Секое непочитување на мерките и правилата утврдени во протоколот на УЕФА може да доведе до дисциплински мерки во согласност со дисциплинските правила на УЕФА и да го загрозат учеството на тимот во завршниот турнир. Самиот концепт на заштитен меур („team bubble“), има за цел да создаде заштитено и ограничено опкружување за играчите и техничкиот персонал во текот на нивниот престој во хотел и за време на патување во завршниот турнир.

Делегацијата на тимот мора да избегне каков било контакт со кое било лице надвор од нивниот „меур“ за да се минимизира ризикот од зараза до секој можен степен, истакнува д-р Невзат Јонузи, задолжен за спроведување на т.н. протокол на УЕФА за враќање во игра во услови на пандемија.

Од ФФМ побараа целосно разбирање за ваквите мерки кои се во насока на поголема заштита на репрезентацијата пред заминување на Европското првенство.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.