„Фурна Златно зрно“ и „Македонија“ се фудбалските клубови кои утре, во среда, со почеток во 21 часот ќе учествуваат на финалето од Светиниколскиот турнур во мал фудбал кој се одржува во спортската арена „Сонце“ во Прилеп. Вечерва во полуфиналните натпревари „Фурна Златно зрно“ беше подобра од „Центар Рубин Златко“, а „Македонија“ ја победи екипата на „Тобако дисконт Руна мак“. Натпреварот за третото место помеѓу „Центар Рубин Златко“ и „Тобако дисконт Руна мак“ започнува утре во 20 часот.
„Турнирот во мал фудбал „Свети Никола“ е во завршна фаза, утре публиката ќе има можност во финалето да погледне доста квалитетен фудбал. Во текот на изминативе денови можевме тука да видиме огромен број на мајстории на сите учесници на овој турнир. Практично со овој турнир Прилеп докажува е голем фудбалски град, ова станува една голема традиција и всушност ова е најголемиот турнир во мал фудбал кој се организира во Македонија“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Првонаградената екипа добива 125.000 денари, второ пласираната 70.000 денари, трето пласираната 45.000 денари, а екипата која ќе го освои четвртото место ќе добие 20.000 денари. Годинава исто така се воведоа и голем број на награди за публиката, кои тие ги добиваа со купените влезници.
„Натпреварите на турнирот беа одиграни во фер и коректна атмосфера и за разлика од минатите години, сега имавме и 25 екипи во пионерска конкуренција поделени во 4 категории, а имавме и 6 екипи на ветерани. Во сениорска конкуренција имавме 37 екипи поделени во 8 групи. Вкупно некаде настапија околу 700 учесници“, кажа Петре Илиоски, секретар на Општински фудбалски сојуз на Прилеп.
Вечерва беа доделени и наградите на пионерите од генерациите 2003, 2004 и 2005 година.
„Ние бевме најдобарата екипа „Марбет“ од Прилеп, освоивме прво место во генерација 2003-та и многу сум среќен за тоа“, рече Филип Тодороски, учесник на турнирот.
„Играм во клубот „Перак“ и освоивме прво место во генерацијата 2004-та, одлично беше овие изминати денови и натпреварите не беа многу тешки“, истакна Ивица Трајкоски, учесник на турнирот.
„Победа ми е омилениот клуб, играв тука, освоивме прво место во генерација 2005-та и многу ми е драго за оваа награда“, рече Стефан Спиркоски, учесник на турнирот.
Овој турнир има исто така и хуманитарен карактер и парите од влезниците и дел од котизацијата на средствата ќе бидат неменети за купување на потребна едукативна опрема за дечињата од градинките „Наша иднина“.