(ФОТО) Се отстрануваат опасни карпи на експесниот пат Прилеп-Градско, на потегот од Дреново до Фариш

За време на градежните работи на втората фаза Фариш – Дреново од изградбата на експресниот пат Градско-Дреново, беа забележани пукнатини на две опасни карпи високи околу 70-тина метри, од кои едната се наоѓа над веќе изградениот мост од левата страна, што претставува потенцијална опасност од евентуално уривање на мостот.

Токму затоа, ЈПДП заедно со Изведувачот и Надзорот преземаа активности за санација и стабилизација на косините долж трасата на експресниот пат, кои се активно зафатени од процесот на ерозија, односно се започна процес за нивно ублажување, со цел нивна стабилизација, како и активни мерки за заштита од ерозија.

Сепак, процесот на отстранувањето на карпите е опасен и ризичен и од тие причини мора да е строго контролиран. Имено, кршењето на карпите се врши со отстранување на мали парчиња слој по слој.

-Со оглед на тоа дека ова е многу специфичен и несекојдневен процес при изградба на патишта на карпест предел каков што е пределот на втората фаза од експресниот пат Фариш-Дреново преку слика и збор Ви ја приближуваме оваа операција

За кршење на опасните карпи се користат специфични машини и уреди кои користат хидрауличен притисок за да прошират приклучок поставен во издупчена дупка, создавајќи затегнувачко кршење на карпата.

Овие машина генерално се користат онаму каде што не е дозволено минирање како што е во овој случај.
Фрагментите од карпите кои се кршат внимателно се спуштаат на патот за да не се оштети, а по завршувањето на кршењето ќе се постави заштитна ограда за да се спречи паѓање на мали фрагменти на мостот.

Едната карпа е веќе безбедно отстранета и следува процес на поставување на заштитна мрежа, а другата локација е оваа што ја гледате, каде работите течат бавно поради ризичноста од самата изведба.

Имено, позицијата на карпата е 55 метри над мостот, а работниците се подигнуваат со телескопски кранови на безбедносни платформи што се закотвени на безбедната страна од карпата и во текот на целото време се врзани за безбедносни појаси – стои во соопштението од ЈП за државни патишта.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.