На околу 30 км од Прилеп, движејќи се по патот Прилеп-Градско, се скршнува кај с. Беловодица и преку селата Царевиќ и Смолани, се пристигнува во една волшебна рајска убавина, до манастирот посветен на Св. Илија во с. Дрен.
Низ предели исполнети со зеленило, шаренило, мир и тишина, низ прегратки на дебела дабова шума, се доаѓа до ова здание кое ни имагинација и магија не би го создале сами од себе.
А таму ќе ве пречекаат шарени пауни, рајски птици, носители на мир, бели гулаби, многу цвеќе и одлична уреденост и чистота.
Она што оди во прилог на целосно опуштање и заборав на сите проблеми, е тоа што нема мобилна мрежа, но има повеќе од доволно што да се види и доживее.
Љубовта кон бога и веројатно силата која им ја подарил светиот пророк Илија, се нештата кои помогнале на сите добронамерници да го изградат ова што постои и плени сечие око.
Водата од манастирската чешма е мевлем и лек за душа, силна, бистра и студена.
Манастирските конаци се опремени со нови постелнини, собите редовно се одржуваат, чистат и средуваат.
Природата е голем инспиратор на ова место и секоја година собира уметници од сите краеви на светот, кои на платно ги изработуваат своите дела, пренесуваат дел од оваа убавина, носат дел од овој спокој вечно во себе, спокој кој вечно ќе ги тера повторно да се вратат. Дренската уметничка колонија се одржува секоја година во јули месец, под покровителство на центарот за култура Марко Цепенков од Прилеп.
Oваа малку позната бајка се потрудивме да ви ја доловиме на што поавтентичен начин и веруваме дека ќе натераме многумина од вас да го посетат ова рајско гнездо, да пренесат емоции и воздишки.
Фото – Даниел Бошкоски
Подготви: Александар Георгиоски