Eстрадниот пејач од Прилеп, Оливер Лозаноски, со прекрасна композиција се претстави на реномираниот фестивал “Тумба Фест” во Куманово, каде ја освои и публиката, а и ги заслужи пофалбите од своите колеги и останатите музички работници.
Станува збор за одлична композиција за која музиката и текстот се дело на Ристо Самарџиев, а аранжманот го направи прилепчанецот Горан Милошески.
-На „Тумба Фест“ дебитирав со песната „БЕЛА ДАНО“, а настапив втор по ред. Песната ја создадоа реномирани автори, добро познати на пошироката јавност. Без лажна скромност од прва за „Тумба Фест“ добив хитовска песна, и тоа не е само мое мислење, туку и реакција од публиката, а и став на повеќе компетентни личности, кои ја слушнаа песната уште пред да биде изведена, вели Лозаноски.
Пејачот од Прилеп се пофали и дека добил силни аплаузи, не само од публиката, туку и од своите колеги.
-Мене ми беше најважно тоа што одговараше на мојата енергија и што ја изведов во мој стил, па добив силни аплаузи и голема поддршка преку социјалните мрежи. Инаку во Куманово си поминав прекрасно, а бев во придружба на сопругата и таму навистина убаво се дружевме и за време на фестивалот, а и после фестивалот, баш убаво колегијално се забавувавме постфестивалски. Во оваа прилика упатувам благодарност уште еднаш до организаторите на фестивалот, што ме поканија да учествувам, и секако до авторите што ми скроија песна по моја мерка. “Моја Дано” ја посветувам на сите вредни и трудољубиви луѓе и секако на личните Дани – Даници… – вели Лозаноски.