ФОТО – Ова е изгледот на новите банкноти кои влегуваат во оптек кон крајот на годината

Со новите банкноти од 200 и 2.000 денари ќе се плаќа кон крајот на годинава или евентуално на почетокот на 2017-та, соопштуваат од Народната Банка.

banknoti-novi

Подготовките за издавање на парите се уште се во тек, а одлука за официјално пуштање во промет треба да донесе Советот на Народната Банка. Се уште не се знае кога ова прашање ќе биде ставено на дневен ред. Од Народната Банка велат дека веќе избрале компанија која е задолжена за печатење на парите, пренесе Алфа телевизија.

„Избрана е печатарска компанија со која веќе е потпишан договор. Планирано е да се произведат по 10 милиони парчиња од секој апоен. Согласно досегашната динамика, се очекува новите банкноти да бидат пуштени во оптек кон крајот на 2016 година или почетокот на 2017 година, после донесувањето на соодветна одлука за пуштање во оптек“ – велат од НБРМ.

200denari-novi2

200denari-novi

Банкнотите ќе бидат соодветно заштитени. Ќе се печатат на специјална хартија во бела боја, со вграден воден печат, заштитна испрекината нитка со впишан текст НБРМ, видливи и невидливи влакна кои рефлектираат во жолта, сина и зелена боја под дејство на ултравиолетови зраци, како и зајакнати рабови против физички оштетувања.

Одлуката за печатење на книжни пари во апоени од 200 и 2.000 денари беше оценета како правилна, направена со цел да се излезе во пресрет на барањата на граѓаните, ако се знае дека тие многу ретко ја користат 5.000-ката.

2000denari-2novo

2000denari-novo

На крајот на 2014-та беше познат и ликот на банкнотите. 200-ката ќе ја красат мотиви од релјеф од виничките теракотни икони, како и елементи од челната фасада на „Шарената џамија“ во Тетово. На предната страна, пак, на банкнотата од 2 илјади денари, ќе има македонска невестинска носија од Прилепско Поле, а на задната,  декорација од внатрешна страна на позлатен сад.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.