(Фото) Кузманоски пречекан како икона во романски Одорхеи – Таму сега се врати како тренер на РК Скопје

Екс македонскиот репрезентативец и интернационалец, прилепчанецот Горан Кузманоски-Таста, по 4 години се врати во романскиот клуб Одорхеи, каде помина 7 години од својата б богата ракометна кариера. Овој пат Таста беше гостин заедно со клубот кој го предводи РК Скопје, а целта беше да се одигра пријателски натпревар на повторната промоција на Одорхеи во Супер лига.

Кузманоски за романскиот клуб потпиша во 2010. Клубот во тоа време беше спонзориран од сенаторот во романскиот парламент Верестој Атила. Одорхеи е место во Трансилванија каде 90% од населението се Унгарци и зборуваат унгарски јазик.

“Градот живееше за ракомет, без разлика дали беше првенствена утакмица, европски куп или пријателска средба, салата беше преполна. Картите беа продадени уште пред почетокот на сезоната. Секоја година Одорхеи играше во Европските купови, а во романското првенство за тие години додека бев, завршивме на второто и третото место. 2015 година ќе биде запомнета по првата европска титула – го освоивме Челинџ Купот, а јас како капитен имав можност да го кренам пехарот”, се потсетува Таста.

Во 2018 година главниот финансиер на клубот починал, па клубот се растурил, а сите играчи биле слободни да си заминат. Сепак, после една година општината оформила клуб со истото име и се натпреварувале во Втора лига. Минатата сезона беше среќма, па Одорхеи после 4 години повторно се врати во Супер лигата.

“После 4 години беше феноменално чувството да се вратиш повторно во град каде што си ги поминал најубавите години како играч. Луѓето, публиката, новиот клуб, ни направија голем пречек и бев изненаден и не очекував такво нешто. На 19 и 20 август РК Скопје е поканет и на CUPA POLI, каде ќе одигра натпревари со Темишвар, Металопластика и Турда”, вели Кузманоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.