Крушево нуди прекрасни услови за скиjaње од декември до почетокот на март. Скијачките терени се наоѓаат непосредно до самиот град на надморска височина од 1400 метри. Погодни се за скијачи професионалци како и за скијачи почетници. Градот е поврзан со ски центарот и скијачките терени преку жичницата. Скијачките терени се наоѓаат на месноста Станич.
Ски центарот Станич, располага со три патеки, два ски лифтови и една двосед жичница која носи од градот, низ букова шума, директно на терените. Патеките имаат нивоа, лесна 350м, средна 400м и патека со напредно ниво во должина од 700м под двосед жичницата. На ски патеките има и елементи за сноуборд парк. Инсталирано е и осветлување за ноќно скијање под синиот лифт и стазата под жичницата.
Во непосредна близина на самиот центар, на терените постои угостителски објект, ресторан кој нуди најразлични видови храна и пијалоци. Центарот располага со ски депо за изнајмување на скии како и ски школа.
Во присуство на голем број туристи и љубители на зимско рекреативните спортови викендов во Крушево беше вистински рај за уживање.
Угостителите и сопствениците на сместувачките капацитети се задоволни од посетеноста на Крушево оваа сезона, истакнуваат дека во текот на празниците и зимскиот распуст капацитетите биле максимално исполнети и додаваат дека во овој период има резервации од гости од странство, како и викендаши од земјава.
Чистиот планински воздух е уште една добра причина да го посетите Крушево и да уживате во убавината која ви ја нуди.
Наташа Талеска