Заедничка света архиерејска литургија на тројца владици од трите цркви Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), Грчката православна црква (ГПЦ) и Бугарската православна црква (БПЦ) денеска се служеше во прилепската црква „Свето Благовештение“.
Заедничката литургија од трите сестрински православни цркви ја служеа митрополитот во мирување Игнатиос од ГПЦ, старозагорскиот митрополит Киприја од БПЦ и митрополитот Петар од МПЦ-АО, а на покана на митрополитот Петар. Ова е првпат да се служи во прилепскиот храм „Свето Благовештение“.
-Во храмот „Свето Благовештение“ во Прилеп, митрополитите на трите сестрински православни цркви за првпат заеднички ја служеа литургијата, како потврда на признавањето и рамноправноста на сестринските цркви. Сите заедно од светата чаша се причестија: и Грк и Бугарин и Македонец. За Христос не е битна националноста, туку љубовта помеѓу луѓето, рече за МИА прилепскиот архиерејски намесник, отец Влатко Ристески.
Во Прилеп за првпат по 170 години доаѓа грчки владика, а бугарски по повеќе од 70 години.