На 25.04.2025 г., кога го празнуваме споменот со Чудотото на Животворниот извор на Мајката Божја, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение со Епископот Хераклејски г. Климент, Епископот Велички г. Никола, протоереј ставрофорот Никола Грамбозов, архимандритот Никодим, еромонахот Јов и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија, во манастирот посветен на Свети Архангел Михаил, во Варош.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови тајни.
Со овој празник, посветен на Пресвета Богородица, и се оддава признание на мајката Божја, поради тоа што непосредно по Велигден нема друг празник поврзан со нејзиното име.
Во некои места празникот е познат под името Богородица Балаклија. Поради тоа што Богородица му ги миела раните на Исус, на овој ден луѓето ги посетуваат изворите ги мијат лицето и очите, или три пати преку себе префрлаат вода од изворите. Поради тоа најчесто овој празник се празнува во црквите што се покрај извори.
На сите граѓани, а посебно на варошани им го честитаме празникот, со желби до година да пречекаат голем број гости.
За многу години!