(Фото галерија) Прилеп одличен домаќин! Врвна организација на Светското јуниорско првенство во воздухопловно спортско моделарство

Два меѓународни воздухопловни спортски натпревари од највисок ранг ја збогатија овогодинешната прилепската спортска сцена.

Во организација на Воздухопловниот Спортски Клуб „Фил Феникс“ од Прилеп во периодот од 3 до 10 Август на прилагодениот спортски терен кај с.Веселчани, се одржаа двата натпревари во воздухопловно спортско моделарство, во категорија на модели за слободен лет (едрилици, модели со погон на гумен мотор и модели со погон на клипен мотор).

Во чест на Светското првенство Македонски Пошти – одделот за филателија, издаде јубилеен плик и поштенска марка, кои им беа доделени на сите учесници, институции и заслужни поединци.

Оваа воздухопловна гранка секојдневно се усовршува и се подобруваат перформанските, па затоа ова беше прилика за домашните но и за странските учесници да се запознаат со новите технологии, иновации, електронски системи, материјали за изработка и се друго што овозможува постигнување на подобри резултати на воздухопловните спортски модели.

На Светското првенство во три категории учествуваа 104 натпреварувачи од 16 држави, од кои покрај Македонија присутни беа САД, Кина, Босна и Херцеговина, Бугарија, Чешка Република, Естонија, Франција, Германија, Унгарија, Израел, Полска, Романија, Словачка, Шведска и Украина.
Монголија поради проблеми со транспортот пред почетокот на првенството го откажа учеството.

Педесетина лица, од кои над 40 судии и помошници-судии, и покрај комплексноста и оранизационата сложеност на овој вид на меѓународни натпревари истите успешно ги реализираа.

Комплексноста и сложеноста на овој вид на натпревари кои ги прават најтешки за организаторот и за натпреварувачите произлегува од времетраењето на натпреварите и изложеноста на метеоролошките услови во кои се одржуваат.

За судиите е неопходна максимална концентрација но за натпреварувачите е неопходна голема психофизичка подготовка и спремност, во зависност од интензитетот на ветерот да истрчаат 10 па и повеќе километри во тек на натпреварот, а да имаат концентрација да го подготват моделот и да го стартуваат секој нареден турнус. Сето тоа на на температури блиски до 40 Ц.

Редовниот дел од светското првенство се реализираше од 07.00 часот па се до 15.35 часот кога натпреварувачите во 7 турнуси, секој во траење од 1 час, реализираа седум натпреварувачки летови, а во периодот од 18.30 па до стемнување се одвиваа полуфиналните и финални летови после кои беа добиени победниците.

Оваа година успешната организацијата дополнително ја овозможија и поволните метеоролошки услови, умерениот ветер и погодноста на теренот на кој се одржуваа натпреварите.

На светското првенство македонската репрезентација ја сочинуваа претставници од два македонски воздухопловни клубови.

Ф1А (едрилици) – членови на Воздухопловен Клуб „Фил Феникс“ Прилеп

1 Лука Најдоски – натпреварувач
2 Михаил Пожарски – натпреварувач
3 Дино Најдоски – натпреварувач
4 Дарко Пожарски – тим менаџер
5 Станислав Најдоски – асистент ТМ

Ф1Б (модели со погон на гумен мотор) членови на Аеро Клуб „Охрид“ Охрид

1 Петар Цветановски – натпреварувач
2 Климент Масин – асистент ТМ
3 Митко Цветаноски – асистент ТМ

Постигнатите резултати на нашата репрезентација со малку спортска среќа можеа да бидат и подобри, но сепак истите се повисоки од очекуваните.

Во категорија едрилици во исклучително висока конкуренција Лука Најдоски го освои четиринаесеттото место од 49 натпреварувачи што претставува солиден пласман. Еден лет пресуди тој да не биде дел од финалистите.

Вториот член, малиот Михаил Пожарски го имаше својот прв настап за репрезентацијата, кој што со сеуште незалечена повреда на стапалото, со голем напор успеа да ги реализира сите летови по што го освои 28 место.

Третиот член, малиот Дино Најдоски кој исто така првпат настапување за репрезентацијата успеа да ги резлизира сите летови и се пласира на 45 место.

Постигнатиот висок резултат на Лука Најдоски и придонесот на Михаил и Дино овозможија младата македонска репрезентација во едрилици да оствари одличен пласман освојувајќи го 8-то место во екипен пласман од вкупно 16 учесници, оставајќи зад себе голем број квалитетни и силни репрезентации.

Во категорија модели со гумен мотор репрезентативецот Петар Цветановски настапи како поединец.
По реализацијата на сите седум летови со максимално времетраење тој се пласира во полуфиналето, по што го освои одличното 10 место во конкуренција од 38 натпреварувачи.

Светското првенство од страна на ФАИ е оценето како одлично организирано, а ние можеме да бидеме задоволни со фактот дека Македонија има перспективни млади спортисти кои се голем потенцијал и се способни да постигнуваат високи резултати.

Во генерален пласман најдобри беа репрезентациите:

1. Естониа
2. Кина
3. Украина




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.