(Фото галерија) Прекрасна традиција која се негува со години: На Источен Петок во Битола се одржува манифестацијата Градски-Селски Велигден

Во дворот на ООУ “Даме Груев” во Битола, вчера, започна тридневниот фестивал “Весел Петок”, со кој во “Јенимаале” се одбележува празникот Источен Петок – Балаклија, или познат како Градски – Селски Велигден.

Првиот фестивалски ден започна со богата културно уметничка програма во организација на ОУ Даме Груев, каде настапија учениците од ова училиште, игроорците од КУД „Илинден” Битола, КУД „Илинден” Демир Хисар и Традиционалната играорна група на Општина Неаполи – Сикес, Грција.

Денес, се одржа традиционалното дефиле низ улиците во Јенимале, а учесниците на фестивалот и гостите ги поздрави градоначалникот Коњановски:

„Убаво е кога низ музика, песна и игра, продолжува да се негува традицијата. Ви се заблагодарувам за оваа прекрасна атмосфера со која, веќе традиционално ја исполнувате Битола. На сите граѓани сакам да им го честитам Источен Петок – БАЛАКЛИЈА, православниот верски празник кој се слави во четврток и петок, по ВЕЛИГДЕН. Нека е за многу години“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Завршувањето на овогодинешниот фестивал Весел Петок е утре, со Велигденски концерт во НУ Народен Театар Битола, каде што учество ќе земат играорни групи од Битола, како и гости од други градови од Македонија и странство, гости на фестивалот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.