Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес ги посети првите новороденчиња родени во 2025 година во Битола.
Во Клиничката болница првороденото бебе е женско:
„Имавме три раѓања. Првото беше 50 минути по полноќ, спонатно породена, прворотка, мајка на 25 години, донесе на свет здрава ќерка која што ќе се вика Миа. Тешка 3 кг и 120 грама и долга 50 см. Тоа ни беше првото женско новороденче, што значи дека годината ќе биде бериќетна и ќе има уште многу раѓања. Второто раѓање беше со царски рез, како и третото. Пациентките и новороденчињата се добри, мајките се среќни, а исто и ние што работевме на новогодишната ноќ“, изјави д-р Бети Чипуровска од одделението за гинекологија и акушерство, апелирајќи до младите да формираат семејства, да ни останат тука и нивните семејства да се множат, бидејќи детскиот џагор е најдоброто нешто што може да се случи на секое семејство.
Првороденото бебе во болницата „Плодност“, родено 7 минути по полноќ е машко, а во оваа болница изминатата ноќ родено е уште едно женско бебе.
Градоначалникот Коњановски, честитајќи им на родителите, традиционално им подари подароци на новороденчињата.
„Искрени честитки до родителите. Да имаме што повеќе дечиња и младите да ни останат тука, во Битола. Нека ни е Среќна Новата година“, порача градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.