(Фото галерија) На летен Атанасовден во манастирот Св. Атанасиј кај с. Локвени – светилиште кое датира од памтивек, а денеска собра голем број верници

По повод празникот Св.Атанасиј, денеска во манастирот над селото Локвени кој го носи името на овој светец, се изврши водосвет и режење на славските колаци.

Свети Атанасиј Велики, порано познат како Житошки манастир, а денеска како Локвенски, се верува дека е средновековен, иако според ктиторскиот натпис годината на изградба е 1627 година.

Манастирот бил доста познат и богат. Тој поседувал земја, шума и стока. На неговата манастирска слава се собирале гости од сите села.

По иселувањето на христијанското население од Долно Житоше, манастирот бил напуштен. Од 1912 година, грижата за него ја презеле христијаните од селото Локвени.

Наце Димов, заедно со крушевчанецот Марко Атанасов Мушевич–Македонец, кој е повикан од Наце, поднесуваат молба до Светиот синод на Руската православна црква и меморандум до Министерството за надворешни работи за отворање стручно (занаетчиско) училиште со интернат во разурнатиот Житошки манастир, каде ќе се предава на македонски јазик.

Во 1950-тите години, црквата и манастирот биле без земја, напуштени и полуразрушени. Со текот на времето, црквата целосна се разурнала.

Возобновувањето на црквата започнало во 2012 година, а изградбата е завршена во 2016, кога се поставени темели за изградба на нов конак. Денеска и конакот е завршен, а се повеќе верници го посетуваат и помагаат уредувањето на ова свето место.

Така беше и денеска на празникот, кога голем број верници запалија свеќа, се помолија за свое и за здравје на своите семејства и уживаа во празничната трпеза и прекрасната природа околу манастирот.

Нека е за многу години и напомош!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.