Црковниот храм Св. Петка во населбата Точила во Прилеп, за прв пат во Македонија организираше ликовен и литературен конкурс, на тема Рожденство Христово. На конкурсот со свои лични творби учествуваа над 250 дечиња од 1 до 9 одделение, а на најдобрите вчера на Бадник им беа доделени признанија и награди.
Чтец Андреј Иваноски за настанот на својот ФБ профил напиша:
Денес Господ ја излеа својата благодат врз своето верно стадо и нѐ посети преку својот инструмент за оживотворување на нашите грешни души и ни откина парче дел од нашата идна татковина преку својот животворен Дух да го предвкусиме спокојот наш рајот – Царството Небесно. Преку пророците, потоа преку апостолите, апологетите, учителите, светителите, мачениците и сите светии Светиот Дух преку својата благодатна сила им дарил мудрост да го препознаат гласот на вистината и правдата. Препознавајќи го гласот на Тој Дух светите апостоли ја устроиле едната света соборна и Апостолска црква, епископите преку нив и свештениците да го научат верното стадо и да го изведат на патот кон спасението.
Многумина биле повикани, но малцина го слушнале гласот на вистината – својот Пастир и се отповикале кон гласот Негов прибирајќи се во стадото на избраните. Денес ја имавме таа чест и заслуга да го осетиме, восприемиме, доживееме и видиме тој дух на живата Црква која преку младенците, кои го окружуваа и го славеа Богомладенецот повиен во пелени, засолнат во пештерата во јаслите во предгратките на својата Мајка Дева Марија Пресвета Богородица, го предвкусивме делот од нашата духовна вечна татковина. А на кое место тоа би го осетиле ако не храмот, домот на сите кои во својата немоќ, скроб, мака, покајание го побарале спасот во стадото на живата Црква, во местото кое значи наше прибежиште, храмот Господов каде сите верни се собираме го славиме, му благодариме и преку Него, чесните тело и крв, се осветуваме и го вкусуваме, бивајќи едно со Него, лекот на сите болести духовни и телесни на нашите души и тела. Пред храмот посветен на светата преподобна мајка Параскева во Прилеп, се собраа стотици младенци и преку своите неуморни усти го славеа, му благодареа и го благословуваа Бог заедно со ангелите на небесата и викаа: “Слава на Бога во висините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!”, чиниш небото и земјата се соединија.
Поттикнати од настанот кој ја воскресна нашата вера во единиот Бог, денот кога Несместливиот се смести во утробата на Дева,, позајмувајќи од телото човечко, се Роди, излезе од утробата оставајќи ја истата недопрена како и пред раѓањето, Сасителот наш Исус Христос, малото дете Предвечниот Бог. Стотици младенци сакајќи да учествуваат во радоста на целиот човечки род, подготвиле разни уметнички, прозни и поетски умотворби да му ги принесат на Богомладенецот, преку својот принос да соучествуваат и да сослужуваат во торжеството на овој спасоносен настан. Свештеникот и целото собрание народно се изненади и заплака радосно гледајќи ја ревноста и верата во срцата на децата која блескаше во нивните очи, оживотворајќи го настанот чиниш го гледаш рождеството се случува пред тебе. Господи, колкава и неизмерна е твојата промисла да го спасиш своето стадо, па макар и го гуша да е удавено во блатото на гревот. Никој не остана рамнодушен од овој настан, од умотворбите, од славењето, од благодарењето, па така старешината на храмот Љупче Петрески срдечно им се заблагодари на младите уметници на словото и сликањето и богато ги награди.
Им подготви благодарствено слово и ги благослови за уште поголеми и поплодни трудови и ги повика на благодарствената трпеза на љубовта , да ги причести и тие да се соединат и придружат во радоста на Спасителот да станат наследници на Царството Господово и ги поздрави со празничниот поздрав ХРИСТОС СЕ РОДИ, а пак тие уверени во своите срца му возвратија НАВИСТИНА СЕ РОДИ!
Ете такво чудо ни приреди нашиот Спасител денес кое ќе го паметиме додека сме живи, Господи кој се роди од Дева Богородица и дојде да нѐ спасиш СЛАВА ТИ!
Протоереј Љупче Петрески кој беше иницијатор на конкурсот, вели дека целта е што повеќе празнувањето на Божик да се доближи до децата, а планот е овој настан во иднина да прерасна во традиција.