(Фото галерија) Манастирот Св. Илија во село Драгош – драгоцено богатство во прегратките на Баба Планина

Селото Драгош се наоѓа во битолскиот дел од Пелагонија, сместено на подножјето на Баба Планина и на самата граница со Грција.

Драгош се смета за многу старо село, во него има голем број на староседелски и стари доселени родови со непознато потекло. Селото растело по природен пат, како и со доселениците што доаѓале.

Селото се споменува во 1638 година (помеѓу 16 и 25 април) во една изјава дадена прд судот од Петко, син на Јорго, од село Драгош – Битолско, дека примил од Хусеин-бег црвена чоја и пари за бричење на неговиот син кој бил земен како данок во кpв

Селото денеска е речиси раселено, а според последниот попис во 2002 година имало само 33 жители.

Оддалеченоста од Битола е 20км, а до селото води асфалтен пат. На влезот од селото од левата страна се одвојува земјен пат кој води до манастирот Св. Илија. До манастирот се доаѓа по неасфалтиран пат кој е со должина од околу 3 км.

Доколку се одлучите да го посетите, најдобро е вашиот автомобил да го паркирате во селото, а потоа да пешачите по патот, не затоа што истиот е непристапен за автомобили, туку затоа што движењето е вистинско уживање.

Кога најпосле се искачивме забележавме едно прекрасно здание, нов конак, голем двор и камбанарија која е посебно здание.

За жал немаше луѓе во манастирот и истиот беше заклучен. Забележавме дека конакот е граден со средства донирани од нашинци од Австралија.

Се разладивме со чистата вода која течи од новата ѕидана чешма во дворот на манастирот, а потоа се качивме и во камбанаријата. Погледот од врвот е неверојатен!

Од едната страна се гледа Драгош, а од другата страна селото во Грција, Етникон.

На само неколку метри од манатирот се наоѓаат камените блокови од границата со Република Грција.

Местоположбата на манастирот Св. Илија овозможува прекрасна панорама кон Пелагонија и Баба Планина, што е одлична можност да фотографирање.

Битолскиот регион и подножјето на Баба Планина располагаат со еден куп вакви живописни места, а манастирот во Драгош е само едно од нив.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.