Синоќа, во храмот Св. Петка, се одржа исклучително успешниот концерт „Прилепски млади виртуози“, на кој младите музички таленти од нашиот град блеснаа во своето најдобро издание. Храмот беше исполнет до последното место, а публиката, исполнета со радост и воодушевување, не штедеше на аплаузите.
Изведбите на младите виртуози беа вистинско уживање за сите присутни. Со својата техничка вештина и емоционална интерпретација, тие создадоа вечер полна со музичка магија, која остана во срцата на сите нас. Особено пријатно не изненадија со нивната зрелост и посветеност, што ги прави гордост на нашиот град и на нашата земја. Исполнувајќи ги нашите срца со радост тие направија музиката да биде мост кон возвишеното. Па така, класичната музика вчеравечер беше нашата молитва и пофалба кон Бога, а истовремено и израз на нашата грижа за иднината на нашите деца.
Публиката беше воодушевена, а заглушувачките аплаузи беа најдобрата награда за младите музичари. Во знак на благодарност, храмот им подари скромни подароци на изведувачите, како симбол на почит и поддршка за нивниот труд.
-Вчерашниот концерт е дел од нашата мисија да ја негуваме културата и уметноста, да ги поддржиме младите таленти и да им покажеме дека како заедница го вреднуваме нивниот талент, труд и посветеност кон музиката. Намерата е концертот „Прилепски млади виртуози“ да стане традиционален настанпа затоа ги поканивме младите музичари повторно да ни се придружат следната година во истиот период. Овој концерт не само што го збогати културниот живот на нашиот град, туку и ни покажа дека младите генерации со својата посветеност и талент имаат светла иднина – велат од организациониот одбор за концерти на храмот Св. Петка.
Oд храмот упатуваат искрена благодарност до сите изведувачи, организатори и присутни гости, кои со своето присуство и поддршка го направија овој настан незаборавен. Нека Господ ги благослови сите и да продолжиме заедно да ја чуваме нашата вера и да го негуваме и поддржуваме нашето музичко наследство.
ФОТО/KL Produkcija