Полициската станица во Прилеп и оваа година, традиционално, заедно со граѓаните го одбележа Денот на македонската полиција – 7 Мај. По тој повод, денеска голем број ученици со нивните наставници ја посетија полициската станица, каде полициски службеници им ја презентираа техниката и средствата со кои располага МВР.
Учениците имаа прилика одблиску да се запознаат со начинот на работа на полициските службеници, да слушнат корисни совети и да научат многу работи за функционирањето на различните полициски единици, за разоткривањето и превенцијата на кривични дела и за одржување на безбедноста.
Отворениот ден пред ПС Прилеп го посети и градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, кој притоа порача:
-Денес им оддаваме почит на сите припадници на полицијата кои секојдневно, со посветеност, храброст и одговорност, стојат на браникот на безбедноста и редот во нашата држава. Вашата служба е повеќе од професија – таа е должност кон граѓаните и татковината. Ви благодариме за пожртвуваноста, трудот и секој чекор направен во служба на јавниот ред и мир. Нека ви е честит и достоинствен 7 мај, Денот на македонската полиција!