После вчерашната спектакуларна ноќ во Вевчани која што ја приредија Влатко Лозаноски, Eye Cue, Brass Brothers и Dj Todoroff, денеска преку стотина маски и илјадници гости од Македонија и од странство дојдоа на традиционалниот Вевчански карневал.
Гостите се огласија на прашањето „Кеојш“ и дојдоа во Вевчани да се направат Василичари.
Вевчанци велат дека ова е обичај под маска, каде што тие и оваа година имаа прилика да се изразат преку многуте костуми. Традиционално, оваа година главни се невестата, младоженецот и глупавиот Август кој што има симболична задача да ја чува невестата од злото за време на карневалот. Препознатливите извици и тапаните ечеа низ вевчанските улици.
Дефилето започна на сретсело каде што можеа да се видат маски кои што ја исмеваа политичката сцена, општествените случувања и маски кои што го претставуваа секојдневниот живот. Највпечатливи беа маските за случајот „Рекет“, специјалната обвинителка Катица Јанева, Боки 13-ка, Фатиме Фетаи, а вевчанската иновативност беше прикажана дури и во маска која што прикажуваше лабораторија за експерименти за нови видови на дрога.
Општината Вевчани како организатор, под покровителство на Министерството за култура, ги пречека илјадниците гости со полн капацитет на угостителските објекти и пансиони. Од таму рекоа дека тие како добри домаќини ќе го угостат секој гостин во Вевчани.
По дефилето, маските и гостите продолжуваат со вршење на обичаите, одат по домовите на Вевчанци каде што се дарувани со пари. Вечерта е резервирана за забава на плоштадот со македонски народни песни. На полноќ на 14-ти јануари, со традиционален огномет и трубачи ќе биде дочекана Православна Нова година, ќе се прослави обрезанието Христово и Свети Василиј Велики.
Вевчанци велат „Сурва Нова година“ со благослови за родна година. Нека е за многу години.