Започната во 2014 како упорен глас и визија на „Битола на точак“, иницијативата за велосипедски патеки по цели 11 години добива свој епилог – Битола конечно влегува на мапата на вело – градови.
„Еден од првите посериозни состаноци кога започнавме ни беше во СВР, каде што ни го презентираа баш овој проект, уште тогаш, дека е одобрен и потпишан, но ете колку години требаше застапување за да го видиме реализиран“, вели Виктор Илиев од иницијативата „Битола на точак“.
Битола со забрзан чекор се движи кон визијата за уреден, еколошки и одржлив град. Градоначалникот Тони Коњановски, вчерашното утро го започна симболично – со велосипед до работа, како дел од заложбата за промоција на урбаната мобилност и активен начин на живот. По завршувањето на работниот ден, повторно го одбра велосипедот како средство за враќање дома, испраќајќи силна порака за личен пример и поддршка на вело-културата.
„Битола станува вело град. Со над 5 километри изградени велосипедски патеки и нови планови што следуваат, го трасираме патот за поеколошка, побезбедна, подостапна и поатрактивна урбана средина“, изјави градоначалникот Коњановски, по средбата со млади велосипедисти, пешаци и претставникот на иницијативата „Битола на точак“.
Во наредниот период, ќе следува доуредување на постоечките патеки – расчистување на теренот, поставување на соодветна вертикална и хоризонтална сигнализација, со што безбедноста и функционалноста ќе бидат значително унапредени. Паралелно, ќе започне и изградба на нови велосипедски рути во делот на поранешната касарна АРМ и други локации низ градот.
Реконструкцијата на тротоарите на улиците „Васко Карангелевски“ и „Партизанска“ со нови велосипедски патеки, се реализира со средства од Буџетот на Општина Битола и претставува проектна активност на проектот Smart4you2, поддржан од Европските фондови. Новите велопатеки се дел од пошироката стратегија на општината за подобрување на пешачките зони и воведување велосипедски патеки во клучни делови од градот.
Со ова, Битола не само што инвестира во подобра инфраструктура, туку и се позиционира како привлечна дестинација за љубителите на велосипедизмот и активниот туризам, поттикнувајќи здрави навики и зелени решенија.