По петти пат се организираше одбележување на празникот Богојавление – Водици во водите на Плетварското езеро.
Ако првата година на ова место се собраа неколкумина ентузијасти, минатата година интересот кај прилепчани беше многу поголем, а оваа година уште повеќе верници се пријавија да влезат во осветените води на езерцето.
Во замрзнатите води на Плетварското езерце влегоја околу 200 верници, а начинот на одбележување на празникот е уникатен и единствено во цела Македонија го има само тука.
Наместо фрлање и пливање по светиот крст, тука секој верник влегува во водите на езерцето, во простор каде има формирано крст и се прекрстува и три пати се потопува во осветените води.
Она што е за воодушевување и за секој поздрав, е тоа што и мали деца влегоја во ледените води на езерцето заедно со нивните родители.
Една прекрасна традиција, за која вреди да се размисли, и да прерасне во централно празнување на празникот во Прилеп во годините што следат.