Ретко кој од помладите генерации денеска слушнал за село Врпско, село кое одамна е раселено, а се наоѓа во североисточниот дел на територијата на поранешната општина Витолиште.
Од Прилеп селото е оддалечено дури 51 км. Селото е ридско и се наоѓа на надморска височина од 800 метри, а до него нема асфалтиран пат.
Но, и покрај тоа што ретко кој го посетува, освен дел од прилепчани кои директно или преку нивни претци влечат потекло од ова место, во селото се уште постои црквата Св. Архангел Михаил, чии живописи датираат од далечната 1881 година.
Селото е опкружено со живописна природа и престојот таму е вистинско уживање и одмор за душата. Селска слава е токму Св. Архангел Михаил, но поради непристапниот пат во ноември кога се празнува празникот, а по договор за да заживее селото и црквата, повеќемина граѓани се собираат еднаш годишно во дворот на црковниот храм и го одбележуваат патрониот празник.
Така беше и денеска кога десетици луѓе го живнаа одново Врпско, а се пееше и песна на цел глас.
На здравје убави луѓе и традицијата да ви трае уште многу, многу годни!