-Во изминатите 2 години, со конкретни мерки и политики во здравството покажавме што значи вистинска грижа за пациентите, за здравствените работници, за подобрување на условите во јавните здравствени установи и достапни лекови во кој било ден од месецот, рече на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Тој истакна дека „урнисаното здравство коешто го остави ВМРО-ДПМНЕ после 11 годишното владеење, за само две години како одговорна политичка партија успеавме да го рехабилитираме“, додаде тој.
„ВМРО-ДПМНЕ за 11 години го колабираше здравствениот систем, медицинскиот персонал беше понижуван, лекарите тепани и пукани. Рецидивите уште се присутни, се правеше план за нешто што требасе да е наводно нов клинички центар, а беше лепенка од цигли, пациентите остануваа без потребните лекарства“, додаде министерот за здравство.
Филипче рече дека со укинувањето на квотите за лекови на рецепт се решава деценискиот проблем со недостигот на лекови.
„Воведовме три нови инсулини и набавивме дополнителни 10 инсулински пумпи. Дијабетичарите имаат обезбедени лекови со сертификат за квалитет, укинат е паралелниот увоз. Сега, тие ја имаат најквалитетната терапија. Како никогаш досега, вложуваме во нови лекови за лицата со ретки болести. Дозволете да кажам дека за првпат после 6-7 години е најмала стапката на новороденечка смртност, заради тоа што преземавме мерки на планско надградување на системот. Само да ве потсетам дека до пред некоја година по 2 бебиња лежеа во еден инкубатор“, истакна Филипче.
Тој на прес-конференцијата потсети дека е почната и постапката за изградба на нов Клинички центар, проект за кој исто така со ВМРО-ДПМНЕ имаат големи концепциски разлики.