Штотуку завршија овогодинешните археолошки истражувања на античкиот урбан центар Стибера кај селото Чепигово под раководство на археологот Душко Темелкоски од НУ Завод и Музеј Прилеп.
Со истражувањата е откриен административниот дел од агората – плоштад, што е прво вакво откритие во Република Македонија. Таа била средиште на економскиот, религиозниот и социјалниот живот на жителите на градот. Тука било и пазариштето.
Покрај ритуалниот бунар околу кој се одвивале разни религиозни активности, откриени се неколку значајни наоди од мермер. Сите биле поставени покрај или вградени во ниши во внатрешниот, источен ѕид.
Конкретно, откриен е мермерен жртвеник – ара посветен на богот Хермес. Овој бог бил заштитник токму на трговците, па затоа е логично што бил поставен во агората, односно пазариштето.
Најрепрезентативен наод претставува бистата веројатно на Фаустина, жената на римскиот император Антониј Пиј кој владеел во средината на 2 век од нашата ера. Тоа е време на најголемиот процут на градот, односно благосостојба на територијата на целото римско царство.
Кога Фаустина релативно млада починала во 140 година, императорот ја прогласува за дива, односно за божество. Во годините што следат во нејзина чест насекаде во царството се подигаат комеморативни бисти со нејзин лик.
Бистата од Стибера била поставена на постамент во ниша која била луксузно декорирана со флорална орнаментика. Таа според извонредната изработка претставува можеби најрепрезентативниот пример на познатата работилница на мермерни скулптури во градот.
Во агората во Стибера се откриени и две мермерни маси. На едната била најверојатно поставена терезија – вага, односно тука било местото каде била верифицирана тежината на овошните плодови, зеленчукот и житариците кои се продавале.
Другата маса претставува редок наод, за прв пат откриен во Република Македонија. Тоа е таканаречена МЕРНА МАСА за верификација на количините на течните продукти (млеко, вино). На масата има издлабено 8 реципиенти со различни пречници и длабочини и со отвори на дното, каде истекувале течните продукти. Количините кои се верификувале се 10, 5, 3, 2 литри, 1 литар, 700, 300 и 150 милилитри. Вакви мерни маси, но во фрагменти, се пронајдени во Италија, Грција, Турција и Израел.
Според сочуваноста, нашата мерна маса се споредува со онаа од Помпеја, која била покриена со лавата по ерупцијата на вулканот Везув. На фронталната страна на овие маси обично имало врежан натпис, каков што има и масата од Стибера. Според натписот кој го прочита класичниот филолог Весна Калпакоска од Битола, службеното лице на агората, агораномот со име Ајлиј Химнос, во годината 289 од т.н. македонската ера, односно 142 од нашата ера, донирал свои средства за поставување на мерната маса.
Веднаш по завршувањето на археолошките истражувања, Кире Јованоски, архитект во прилепскиот музеј веќе изврши конзерваторски анализи и би требало следната година да започне реконструкција и конзервација на откриениот дел од агората во Стибера.
Со конзерваторски зафати ќе добиеме уште една репрезентативна градба покрај храмот на заштитничката на градот Тихе. Заживувањето на античкиот урбан центар на областа Дериоп, Стибера, како значајна туристичка дестинација, го заслужуваат општина Прилеп и особено жителите на блиското село Чепигово, кои се гордеат со неа и несебично помагаат при реализацијата на археолошките истражувања.
Воедно, археологот Душко Темелкоски во иднина очекува откривање на уште вредни наоди од македонската Помпеја, Стибера.