УЈП предупредува: Угостителите со штандови на престојниот PRILEP BEER WEEKEND се должни да издаваат фискални сметки

Во Прилеп се одржа едукативна средба околу обврските на граѓните кои произлегуваат од Законот за регистрирање на готовинските плаќања

Физичките лица кои во летниот период кога се случуваат помасовни забавни манифестации од типот и на престојниот Фестивал на пивото, и на отворено продаваат крофни, палачинки, пуканки, кафе и слични производи, се должни да поднесат барање за плаќање на паушален данок на личен доход до УЈП од времен карактер – објави “АЛФА ТВ”.

Ова важи и за оние граѓани кои издаваат под закуп станбени простории, соби, апартмани, викендици, вили, предупредуваат од УЈП и додаваат дека само така ќе можело да се стави законски ред при готовинските плаќања, а со цел да се избегнат злопупотребите на сметка на џебот на граѓаните.

„Даночните обврзници се добро информирани околу Законот за регистрација на готовинските плаќања, сепак, ние сме тука, пред вакви манифестации како „Бир фест“ или популарно „Пивофест“ во Прилеп кои се од забавен карактер и се организраат на отворен простор – плоштади и тогаш се издаваат и штандови на правни и физички лица кои што треба да испочитуваат одредени законски норми, односно да го регистрираат готовинскиот промет на фискален апарат, задолжително да издаваат фискални сметки“, – објаснува Денис Батаклиев, управник на Регионалната дирекција на УЈП, Прилеп.

Граѓаните опфатени со овие законски мерки, а помеѓу нив и локалните угостители, велат дека немаат проблем со постоечките законски одредби, бидејќи со години работеле според тие правила. Но, бараат поеднаставување на административната постапка која им одземала премногу време, а за настан кој трае само три-четири дена.

„Баравме и порано, да се воведе паушал за да биде за сите едноставно. Кој може нека си пресмета како има средства, да си плати и да биде поедноставно, зашто многу е краток периодот, а многу се големи трчањата по институциите за да се оствари сето тоа“, – рече Јордан Момироски, претседател на Здружението на угостители од Прилеп.

Организаторите на оваа едукативна средба велат дека не очекуваат проблеми во смисла на непочитување на предвидените законски обврски, но сепак, укажуваат дека евентуалното непочитување, повлекува и соодветни казнени одредби, кои се парични и со времени забрани за вршење на дејноста.

Каролина Дурло




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.