Министерството за социјална политика, демографија и млади и синдикатите на УПОЗ и СОНК потпишаа нов колективен договор со кој ќе се овозможи зголемување на платите на вработените во јавните установи за социјална заштита за 20 проценти, информира министерот Фатмир Лимани.
Тој на својата фејсбук страница пишува дека денеска со Синдикатот на УПОЗ и СОНК, го потпишале новиот Колективен договор кој, како што нагласува, им носи заслужено зголемување на платите на сите вработени – вклучувајќи ги и директорите – во системот на социјална заштита.
-Овој договор значи – подобрување на работните услови, зголемена правна сигурност, продлабочување на социјалниот дијалог, пишува Лимани на ФБ.
Ова, нагласува, е признание за трудот, посветеноста и хуманата мисија на сите вработени во системот на социјална заштита. Со мотивирани и вредни работници, потенцира министерот Лимани, нудиме квалитетни и достапни услуги за сите граѓани.