Во 19.30 часот на регионалниот пат Градско – Прилеп, на крстосницата за селото Трстеник, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Пежо“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од 57-годишниот С.Н. од Трстеник и патничко возило „Цитроен“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.М.(25) од Скопје.
Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката во возилото „Пежо“, Н.Н.(49) од с.Трстеник и по укажаната лекарска помош во Општа болница – Кавадарци таа била препратена во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Со телесни повреди се здобиле возачите на двете возила и сопатникот од возилото „Цитроен“, М.И.(22) од Скопје.
По укажаната помош тие биле пуштени на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Кавадарци.
Оваа сообраќајка претходела на синоќешната кога две лица ги загубија животите, кои со автомобил “Опел Астра” излетале од патот во провалија.
Несреќата се случила околу 20 минути по полноќ на магистралниот пат Градско-Прилеп.
-Патничко возило „Опел Астра“, управувано од О.И.(37) од Прилеп, изгубило контрола, удрило во заштитна ограда од мост и излетало од патот во провалија. Притоа, возачот О.И. и сопатникот Р.М. (56) од Прилеп починале на местото на настанот. Смрт била констатирана од екипа на Итна медицинска помош, информираат од МВР.
Увид на местото извршиле Јавен обвинител и екипа од Полициската станица Прилеп
За време на увидот, од 00.30 до 05.00 часот сообраќајот се одвивал со наизменично пропуштање на возилата.