Уште една новина од општина Битола: Се подготвува изградба на гондола на Пелистер

Претставници на компанијата Фурлани од Словенија, денес ја посетија општина Битола и остварија средба со градоначалникот Тони Коњановски,
секретарот Борче Димитровски, советниците Бојан Бојкоски, Елена Кромидаровска, Борче Корлевски, Иван Чулаковски и раководителот на
Одделението за економски развој, Венцо Шишкин.

Оваа компанија е изведувач на изградба на гондоли на голем дел од скијачките зимски центри во државите на Балканот, меѓу кои и Србија,
Босна и Херцеговина, Словенија и други.

Главна цел на посетата на претставниците на компанијата Фурлани е изработката на физибилити студија за изградба на гондола на Пелистер,
проект кој што е изгласан во Советот на општина Битола.

Од страна на општината е потенцирано дека ќе се изработи проектна програма до крај на месец март, по што ќе биде објавена јавна набавка за
изработка на физибилити студија. По склучувањето на договорот со изведувачот на физибилити студијата, ќе бидат потребни 6 месеци за
нејзина квалитетна изработка, која меѓу другото, ќе ја опфаќа вкупната цена за изградба на гондолата, финансиската исплатливост на овој проект, локацијата, или можните локации каде што таа би била изградена, должината на трасата итн.

По состанокот, присутните беа на терен во Ски центарот Ниже Поле, каде што се сретнаа со раководителот на овој скијачки центар. На терен се
запознаа со постоечката структура и со можностите на овој дел од планината, по што го посетија и скијачкиот центар Копанки, каде што исто
така имаа можност да ја видат постоечката структура на жичарата и ски лифтот. Делегацијата оствари средба и со директорот на хотелот „Молика“. Горан Исков, кој ги запозна со хотелските капацитети и натамошниот развој.

Денешната посета со експертите од Словенија, доаѓа како резултат од остварените средби и контакти кои битолската делегација ги оствари при
посетата на општина Чаетина, ЈП „Голдгондол“ од оваа општина и Златибор во Република Србија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.